Руските опозиционери ги обвинија организаторите на Зимските Олимписки игри дека ќе украдат 30 милијарди долари за време на подготовките. Според поранешниот руски заменик премиер, Борис Немцов, организаторите непотребно ги зголемиле трошоците.
Последните Зимски Олимписки игри кои се одржаа во Ванкувер во 2010-та година чинеа 6 милијарди долари, Олимписките игри кои се одржаа минатата година во Лондон чинеа 14,3 милијарди, а трошоците за игрите во Сочи ќе изнесуваат неверојатни 51 милијарда долари.
Првичните пресметки беа дека за игрите во Сочи ќе бидат потрошени 12 милијарди долари, но потоа оваа сума се зголеми за скоро 4 пати. Трошоците на ниту една Олимпијада до сега не се зголемиле за повеќе од 2 пати во однос на првичните проценки.
Опозиционерите пресметале дека некој ќе украде 30 милијарди долари и за овие пари ќе можат да се изградат домови за 800.000 луѓе.
Организаторите се правдаат дека ќе бидат потрошени многу пари затоа што освен што треба да се изгради стадион, три олимписки села, скокалница, сала за хокеј и многу други слични градби, тие треба да му направат и реконструкција на градот, односно да се реновираат и изградат нови патишта, мостови, хотели, железничка станица, пристаниште и аеродром.