Розберг повторно најбрз во Монако

Германецот му ја прекина серијата на својот клупски колега Луис Хамилтон кој триумфираше на сите четири трки во новата сезона од Формула 1 шампионатот, но сепак доминацијата на Мерцедес продолжи.

Нико Розберг ја освои првата стартна позиција на вчерашните квалификации и успеа да ја сочува до самиот крај на трката во Монте Карло. Германскиот возач ги мина 78 круга со време од 1:49:27.661 часа и оствари девет секунди предност пред Хамилтон кој заврши на втората позиција.

Првите три места беа практично резервирани за истите тројца возачи од минатата трка во Шпанија, со тоа што клупските колеги од Мецедес си ги заменија местата, а Рикардо од Ред Бул повторно се најде на третата позиција.

Розберг успева две години по ред да победи во Монако, а тоа претходно му успеа само на Фернандо Алонсо во 2006 година.

Следната трка е закажана за 8 јуни на патеката Жил Вилнев за големата награда на Канада.

25 мај 2014 - 17:26