Познати двојките за Ф4

По завршувањето на Ф8 фазата познати се двојките кои се пласираа на „Фајнал 4" турнирот во Телеком Бизнис Лигата на Македонија, преку кои ќе се одреди носителот на шампионската титула за сезоната 2015/2016.

Во Ф8 фазата можевме да ги проследиме следните натпревари: 

1. Ф8 фазата ја отворија екипите на ЈСП и ЕВН. Во овој натпревар екипата на ЕВН одигра одлична одбрана не давајќи му на ЈСП да дојде до добра позиција за гол. Ваквата цврста одбрана му овозможи на ЕВН да има одличен контра напад преку кој постигна 3 гола, со кои што дојде до победа од 3-0. 

2. Вториот натпревар го одиграа екипите на Алкалоид и МЕПСО. Ова беше натпревар полн со адреналин, во кој неизвесноста и изедначеноста преовладуваа во целиот натпревар. Без оглед на победата на МЕПСО, немаше да биде ништо помалку заслужено доколку Алкалоид успееше да извојува победа, но овој пат среќата беше на страната на МЕПСО. При израмнет резултат од 3-3, со самиот звук на сирената, фудбалерот на МЕПСО Диме Рошкоски успеа да постигне гол, кој во прв момент беше спорен. По консултации со судиите и по проверка на правилата за мал фудбал, овој гол беше признаен и минималната победа од 1 гол разлика му припадна на МЕПСО. 

3. Третата осмофинална двојка беше минатогодишниот шампион Лукоил и екипата на УНИКА. Со оглед на тоа дека екипата на УНИКА имаше големи проблеми со повреди кај клучните играчи, улогата на фаворит на овој натпревар му припадна на Лукоил. Дека Бизнис Лигата е едно од најнеизвесните и највозбудливите натпреварувања се потврди и сега. Иако во текот на целиот натпревар се водеше рамноправна битка во која, мора да напоменеме, преовладуваше фер-плеј како никогаш до сега, екипата на УНИКА успеа да го искористи малото невнимание во додавањата на Лукоил кои беа во предната линија и тоа да го претвори во голови кои ги однесоа до „Фајнал 4“. 

4. Последниот натпревар го одиграа екипите на ЕЛЕМ и ХАЛКБАНК. Екипата на ХАЛКБАНК во овој натпревар настапи со скратен состав, без доволно замени. Секако дека екипата на ЕЛЕМ беше вистински фаворит, пред се поради завршување на првото место во регуларниот дел и лошата серија на ХАЛКБАНК, но ХАЛКБАНК го остави срцето на терен и се бореше за секоја топка до последните секунди и успеа да се избори за пенал завршница. Во ваквата завршница ХАЛКБАНК имаше среќа да го има во своите редови Жарко Андреев кој успеа да одбрани 3 пенали и да ја однесе во ХАЛКБАНК во фајнал-форот. 

6 мај 2016 - 09:14