Потресната приказна на Хесус Апарисио

После 11 години во кома, сонот е ист, да се гледа Роже Федерер

29-годишниот Шпанец како помлад собирал пари да оди на Вимблдон и да го гледа својот идол. Сообраќајната несреќа го спречила во тоа, но после 11 години во кома, верува дека ќе може да го оствари својот сон.

Понекогаш реалноста личи на фикција и создава навистина неверојатни приказни, како онаа за младиот Хесус Апарисио кои последните 11 години од својот живот ги поминал во кома. Кога на крајот од минатиот месец се разбудил од кома, го зачудила веста дека неговиот идол игра во финалето на Грен Слем.
 
На 12. декември 2004. година, Апарисио патувал со пријателите до куќата на планина каде требал да го прослави својот 18-ти роденден. Во еден момент, автомобилот излетал од патот, пријателите минале без сериозни повреди, но младиот Хесус од Севиља доживеал силен удар во главата и останал во несвесна состојба.
 
До несреќата дошло кога нивниот автомобил удрил во друго возило на патот, поради што слетале во провалија и неколку пати се превртеле. 

На другата страна во Европа, Роже Федерер тогаш имал 23 години и на УС Опен го освојувал својот четврт Грен слем трофеј во кариерата. Швајцарецот во финалето го совладал Австралиецот Лејтон Хјуит. Пријателите на Хесус подоцна признале дека нивниот омилен другар сакал да го запознае Федерер и дека собирал пари за да отпатува на Вимблдон во 2005. година.
 
Родителите на Хесус се обидувале на секој начин да допрат до него.
„Беше навистина силен удар за нас, но јас никогаш не престанав да верувам дека ќе дојде овој ден. Секоја вечер на уво му зборувавме да биде мирен и дека ние сме до него“, изјавила Росарио, неговата мајка.
Речиси 11 години подоцна, на 27. август 2015. година, Хесус се разбудил и ја викал мајка му. Хесус полека почнал да работи на себе и се обидувал да го поврати говорот како и реакцијата на надворешните стимулации. И натаму мислел дека има 18 години и одлично се сеќавал на несреќата, пишува Еуроспорт.
„Не можам да го заборавам изразот на лицето на возачот во ноќта кога се случи несреќата“, прозборел Хесус.

Младиот Шпанец се распрашувал за актуелните случувања во светот, дознал дека на чело на Римокатоличката црква дошол нов Папа, а потоа прашал и за неговиот некогашен голем идол.
„Ми падна на памет и прашав за Роже, мислев дека веќе се пензионирал. Кога ми кажаа дека има 34 години и дека е втор на светот, мислев дека се шегуваат со мене. Кога дознав дека навистина освоил 17 Грен слем титули го сокрив лицето со рацете. Знаев дека Федерер е добар, но не ни помислував дека може да освои сè што може да освои“, ја продолжува својата приказна Хесус.

Само што излегол од кома, Хесус го гледал и финалето на УС Опен кое што се играше во Њујорк меѓу Новак Ѓоковиќ и Роже Федерер.
„Бев многу изненаден и воодушевен кога видов дека уште игра на виско ниво. Беше неверојатно. Штета што не успеа да победи, но и Ѓоковиќ беше одличен“, вели Хесус кој признава дека Ѓоковиќ му делувал како странец кој не го познава.
Во меѓувреме Хесус изјавил дека и натаму сака да ја оствари својата желба и да го гледа својот миленик во живо.
„Сакам да гледам некој негов меч во живо пред да се пензионира, можеби оној во кој ќе го освои 18. Грен Слем. Тоа е мојот животен сон“, констатира Хесус.
Со него, тенисот доби нов херој кој потврдува дека човек секогаш треба да се бори за да го оствари својот сон.
22 септември 2015 - 12:39