„Олимписките игри со жени би биле непрактични, неинтересни и неестетски. Жените треба да се во публика и да им аплаудираат на мажите" изјавил Пјер де Кубертен, таткото на модерните Олимписки игри пред одржувањето на првата Олимпијада во 1896-та година на која се натпреварувале само мажи.
Четири години подоцна организаторите попуштиле и дозволиле помеѓу 997-те спортисти на Олимписките игри во 1900-та година да има и 22 жени. Но сигурно Кубертен не ни помислувал дека по еден век Олимпијадата ќе се претвори во игри на жените.
Вкупно 4.847 жени ќе земат учество на игрите во Лондон. Никогаш претходно толку жени не се натпреварувале на Олимписки игри. За прв пат на Олимписките игри се воведуваат и натпреварите во женски бокс со што во сите спортови ќе се натпреваруваат и жени. Никогаш претходно немало барем по една жена од секоја држава.
Олимписките игри започнаа вчера со натпреварите помеѓу женските фудбалски репрезентации на Велика Британија и Нов Зеланд, а ќе завршат на 12 август со доделување на медалите во категоријата женски петобој.
Дека ова се женски Олимписки игри говори и фактот што за прв пат во историјата, делегациите на САД и Канада ќе имаат повеќе жени од мажи, а бројот на жени во домашната делегација на Велика Британија која ќе биде најбројна на овие Олимписки игри се зголемил за 120% во однос на оние пред четири години.