Перо Антиќ и другите Македонци кои стапнаа на врвот на Европа

Куса е листата на македонски спортисти кои можат да се пофалат дека станале клупски европски прваци во својата кариера. Се работи само за шестмина, но затоа кој од кој по име, сите великани, а Перо рекордер.

ПЕРО АНТИЌ

И како што е редот стартуваме од рекордерот за кого почнаа да кружат муабети дека кој сака да ја освои Евролигата ќе мора да го купи Пери Антиќ. Со Олимпијакос ја освои во 2012-та и 2013-та, кога во финале прво паднаа ЦСКА Москва, па Реал Мадрид, а со Фенербахче синоќа стигна до број 3 откако славеше против својот Олимпијакос. Антиќ има уште едно финале, а тоа е лани кога загуби од ЦСКА Москва.

ПЕТАР НАУМОВСКИ

Со една европска титула помалку од Антиќ остана легендарниот Пеце Наумовски кој со тимот на Југопластика беше на тронот две години по ред. И во двете финалиња во 1990-та и 1991-та на колена беше Барселона, а за МВП беше прогласуван Тони Кукоч. Наумовски не доби шанса да заигра и беше на клупата. Соиграчи му беа и легендите Дино Раѓа и Жан Табак.

Цел финален меч меѓу Југопластика и Барселона во 1991-ва

КИРЕ ЛАЗАРОВ

Се префрламе на ракомет, а таму се знае кого треба да очекуваме. На Кире Лазаров веќе е тешко да му се избројат сите трофеи во неговата кариера која во сезоната 2014/2015 ја зачини со Лига на шампиони освоена со Барселона. Во 2006-та со Веспрем стигна до полуфинале, а во 2011-та и 2012-та беше финалист со Сиудад Реал, па со Атлетико Мадрид, но на крајот сепак стигна до посакуваниот трофеј. Нашиот капитен е единствен ракометар во светот кој стигна до 1.000 голови во ЛШ.

Хајлајтс од финалето со Веспрем

ГОРАН ПАНДЕВ

Еден од тројцата македонски фудбалери со најдрагоцениот трофеј на клупски европски план е Горан Пандев кој беше дел од тројната круна на Интер во сезоната 2009/2010. Токму на денешен ден пред точно 7 години Интер во финалето беше подобар од Баерн Минхен со 2:0. Стрелец на двата гола беше Диего Милито, а Пандев одигра 80 минути.

Хајлатјс од финалето

Интервју со Пандев на терен

ДАРКО ПАНЧЕВ И ИЛИЈА НАЈДОСКИ

И за крај ги оставивме првите двајца македонски фудбалери и легенди кои успеаа да се искачат на покривот на Европа. На 29 мај 1991 на стадионот Св.Никола во Бари, Црвена Звезда со 5:3 на пенали славеше против Олимпик Марсеј за прв и единствен пехар во тогашниот Европски Куп на шампиони. Последниот гол беше дело на Кобра.

Пеналот на Панчев

Едит:

КОМЕТАЛ ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Тука се и хероините кои на 19 мај 2002-ра во ракометниот храм Кале станаа европски шампионски и испишаа нова историја за македонскиот спорт. Во финалето беа подобри од Херц Ференцварош со 26:22, а дел од тој златен состав беа Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Андријана Будимир...

БУЧИМ ЈАКА ОД РАДОВИШ

1995-та и 1996-та се историски години за македонското борење, бидејќи момците од Бучим Јака од Радовиш најпрвин станаа Европски, па Светски прваци. 

На завршниот Интерконтинентален куп кој се одржа во Радовиш Бучим Јака како претставник на Европа заврши прв, а другите екипи кои учествуваа беа Дејвид Шулц (САД),  Риверс (Африка), Нихон (Јапонија, Азија) и Лагос (Нигерија, Африка).

За светскиот првак од Радовиш настапија: Влатко Соколов, Николчо Калајџиев, Тони Танчев, Васе Спасов, Костадинов, Миленов, Агаев, Пенев, Кутанидѕе и Могамед Ибрагимов. Тренер: Димче Ангелов.