Параолимпијадата може да започне

20 дена по завршувањето на Олимписките игри, Лондон е домаќин и на Параолимписките игри на кои ќе настапат 4.200 спортисти од 165 држави кои ќе се натпреваруваат во 20 дисциплини.

Помеѓу рекордните 4.200 спортисти се и двајца Македонци. Оливера Наковска-Бикова за која ова е трето и Ванчо Каранфилов кој по четврти пат ќе ја претставува Македонија на Параолимпијада, ќе се натпреваруваат во дисциплините воздушен пиштол (10 метри), спортски пиштол (25 метри) и малокалибарски пиштол слободен избор (50 метри).

Параолимпијадата се врати дома

Првите Параолимписки игри се одржани во Рим во 1960-та година, но целата идеја потекнува од англискиот центар за лекување на повреди на 'рбет во Стоук Мандевил во близината на Лондон, каде докторот Лудвиг Гутман организирал натпревари за инвалидите од Втората светска војна.

Токму затоа маскотата на Параолимписките игри во Лондон го носи името Мандевил.

Рекордна гледаност

По Олимписките игри и Параолимписките игри во Лондон ќе рушат рекорди на гледаност. Вкупно до сега се продадени околу 2,3 милиони влезници, а се очекува да бидат продадени уште најмалку 130.000.

Минатата недела организаторите на пуштија во продажба уше 140.000 влезници кои се продадоа за само три часа, а 100.000 од овие влезници беа само за прошетка низ Олимпискиот парк.

Параолимписките игри во Лондон ќе бидат пренесувани на ТВ во преку 100 земји.

29 август 2012 - 09:30