Да водиш клуб во Серија А кој секогаш имаа амбиции да се натпреварува во Европа и да се најдеш на насловна страница со податок дека си продал 11 сезонски влезници е повеќе од срамота.
Таа бројка успеа да ја оствари Лацио во првиот ден од промоцијата на годишните карти кој за разлика од сега, минатата сезона продаде 12.800 годишни карти.
Наместо првиот човек на Лацио да го искористи овој кус период и да направи некаква стратегија како барем малку да ја врати атмосферата меѓу навивачите, тој уште повеќе ги иритира.
Зема неколку фудбалери од тимот и им се појави на врата на единствените 11 навивачи кои имаат сезонски влезници за новата сезона. На социјалните мрежи клубот напиша:
„Благодариме што покажавте безусловна поддршка“.
Со ист натпис навивачите добија и благодарници со хаштаг „11 ние сме тим“.
Лотито со Лулиќ и Мурџиа беа во една куќа, Маркети, Биља, Пароло и новото засилување Имобиле во втора, а Де Врај и Худ во трета. Во знак на благодарност навивачите го добија вториот дрес на клубот од новата колекција.