На само пет дена откако ја освои титулата, новиот светски шампион во Ф1, Нико Розберг ја збуни светската јавност со одлуката да се повлече од активното возење.
„Се качив на планината, стојам на врвот и цврсто верувам дека ова е правата одлука“, изјави светскиот шампион кој има 31 година.
Германецот во последната драматична трка од сезоната, во Абу Даби втор ја мина целта, зад својот клупски колега и најголем ривал Луис Хамилтон и на тој начин го крена шампионскиот пехар со пет бодови преднос во однос на двократниот првак Британецот Хамилтон.
Нико е син на некогашниот светски првак во Ф1, Кеке Розберг. Во Ф1 дебитираше пред 10 години во 2006-та во Бахреин како возач на Вилијамс. Веќе четири години подоцна, во 2010-та премина во Мерцедес во чии болиди возеше до минатата недела по што реши да замине во пензија.
Тркачкото одело реши да го стави во плакарот после 206 трки, 23 победи, 57 подиуми, 30 пол позиции и дури 20 најбрзи кругови.
Оженет е за Вивијан Сиболд со која што е во брак од пред две години и имаат ќерка Алаја родена на 30. август 2015-та година.
Нико сезонава победи на 9 од 21 трка што беше сосема доволно за титулата иако Хамилтон имаше победа повеќе но и едно откажување повеќе.
„Верувајте дека за времето на овие 25 години откако првпат здогледав Формула имав само еден сон, една работа кон која што тежев, да станам светски шампион во Формула 1. Бев спремен на многу жртвувања, работев напорно, болеше на тој пат и на крајот успеав“, го заклучил Розберг своето излагање по повод завршувањето на професионалната кариера.
Татко му, кој е Финец станал Ф1 шампион во 1982. година. Нико е роден во Германија и покрај тоа што има фински корени и тоа што татко му возел под знамето на Финска, тој одлучил да вози како Германец. Стана третиот Германец кој ја освоил титулата после Михаел Шумахер (7) и Себастијан Фетел (4).