Новиот бразилски олимписки херој

Не знам каде е мајка ми, но сигурен сум дека е горда на мене

Не е фудбалер, ниту кошаркар. Новиот јунак на Бразил го освои златото и постави нов олимписки рекорд во скок со стап. Немал среќно детство затоа што мајка му го оставила кога уште не проодил.

Малиот Тиаго во детството ја прашал баба му: „Зошто луѓето не летаат? Така ќе можеме да ги гледаме птиците горе“. Како да претчуствувал што сака да прави во животот.
 
Тиаго Браз да Силва е роден на југо-истокот од Бразил, во местото Марилиа. И покрај тоа што родниот град на Тиаго се развивал најбрзо во земјата, малиот Бразилец немал среќно детство. Мајка му го отфрлила кога имал неполни две години. Го воспитувале баба му и дедо му кои тој ги смета за прави родители.
 
Поширокото семејство Браз се сеќава дека во детството, Тиаго често седел сам на патот врз школскиот ранец и ја чекал мајка му да се врати дома. Оддеднаш сфатил дека тоа никогаш нема да се случи, иако го убедувале дека наскоро ќе ја види мајка му.
 
Во спортот го внел дедо му Фабијано, кој бил специјализиран десетобоец. Стариот Фабијано не постигнал некој значаен успех, но најголем подвиг му бил да го научи внукот на исправен начин на живот. Секое утро го носел на тренинзи, малиот редовно бегал и не сакал да тренира, но кога наполнил 13 години одлучил да продолжи.

„Многу сакав кошарка. Тоа беше неверојатен спорт за мене и цела година тренирав кошарка. А потоа на телевизија даваа емисија за Сергеј Бубка и така се заинтересирав за скокање со стап“, се сеќава на почетоците новиот олимписки шампион и рекордер.

Се вратил во лесната атлетика и му се отвориле нови погледи. Учел во спортско школо каде што тренер му бил дедо Фабијано со кого првите сериозни резултати дошле многу брзо. Во Марилиа и во другите општини на Сао Пауло почнале да зборуваат за талентираниот скокач.

Следната година била пресудна во животот на Тиаго. На 15 години не се срамел да напише имејл адресиран до Елсон Миранда де Соуза, сопругот на бразилската скокачка со стап Фабијана Мирер. Елсон размислил за момент и го земал Тиаго во својот тим.

„И се восхитуав на Мирер. Кога добив одговор од Елсон бев на седмо небо. Тоа беше неверојатна мотивација за мене“, додава Тиаго.

Потенцијалот на младото момче бил очигледен и веќе во 2010. година Тиаго Браз да Силва отпатувал на првите јуниорски Олимписки игри во Сингапур. Таму Тиаго за првпат победил на едно меѓународно натпреварување: Шпанецот Дидак Салас остварил ист резултат како Тиаго (5.05), но со повеќе обиди. Една година подоцна чудесниот скокач Тиаго победил на Светското јуниорско првенство.

На Светското првенство 2013 во Москва, Тиаго не се појавил, но не го губел времето залудно: истото лето се запознал со Ана Паула која во 2014-та му станала жена.

„Да, се венчавме рано, но тоа е по Божја волја. Среќен сум со својата жена, таа е моја инспирација, живот мој“, изјавил скокачот после скромната венчавка. И двајцата се многу религиозни. Ако влезете на страниците на Тиаго на друштвените мрежи, ќе може да најдете многу религиозни пораки. „Во слободно време гледам филмови или ја читам Библијата“, признава Тиаго.

Пред две години, веќе созреан и како личност и изграден како спортист, Тиаго Браз одлучил да го напушти Бразил и да се пресели во Италија каде тренирал под водство на легендарниот Виталиј Петров. Личниот тренер на Сергеј Бубка и Јелена Исинбаева видел потенцијал во младиот Бразилец.

„Многу му должам на Петров. Благодарение на него јас потоплно ја сменив својата техника на скокање и мислам дека во тој смисол, тој е најдобар на свет“, му одава чест на својот тренер Тијаго. Петров во целост ја сменил техниката на трчање на Браз: наместо 16 чекори пред скокот, Тијаго сега прави 18 чекори.

На тој начин Тиаго добива поголемо забрзување и подолго ќе може да го искористи стапот. Неговиот стил сега многу потсеќа на некогашниот олимписки шампион од Барселона, Максим Тарасов. 

По само неколку месеци работа со Петров, Бразилецот на еден тренинг ја скршил раката и повредата била сериозна поради што морал да оди на операција. „Таа повреда ме врати неколку години назад. Многу тешко се опоравував, можеби повеќе на психолошки план ми беше тешко“.

На неговото деби на Светскиот Куп во Пекинг, Браз не стигнал во најдобра форма, завршил 19-ти затоа што скокнал само 5,65. Во последната зимска сезона, Тијаго конечно скокал на своето ниво. На турнирот во Берлин скокна 5,93, со што го оствари вториот најдобар резултат во сезоната, зад шампионот од Лондон Рено Лавилени. Овој резултат бил најдобар во историјата на Јужна Америка, по што Браз со четврт резултат во светот тргна на Олимписките Игри.

И покрај тоа што Тиаго не е посебно познат во Европа и не важеше за фаворит на Олимпијадата, луѓето во Рио верувале во него.

„Како се приближуваат Игрите, напнатоста расте. Знам дека мојата земја најмногу очекува од мене и ќе се обидам да не ги разочарам“, изјави Тиаго Браз неколку недели пред почетокот на Олимписките Игри.

На почеток без проблем ја совлада висината од 5,65, а следната платформа ја покори со 5,75 во главниот обид. Конкурентот Лавилени од оваа висина го започна својот настап. Набрзо со скокнати 5,93, Тиаго обезбеди сребрен медал, а публиката не можеше да се воздржи од еуфорија и бараше да оди на злато. Некои стручњаци го советувале да не скока.

Резултатот на Лавилени беше 5,98 и сите мислеа дека тука е крајот. Но Браз скокна неверојатни 6,03 со што го сруши Олимпискиот рекорд.

„Штом скокнав 5,98, сфатив дека треба да ризикувам. Знаев дека ме гледаат Бог, тренерот и сопругата. Морав да дадам максимум од себе“, вели Тиаго за подвигот.

Првиот обид му беше неуспешен, Лавилени не можеше да ја сокрие насмевката сигурен дека за неколку минути ќе стане двократен олимписки шампион, со што ќе го повтори големото достигнување на Боб Ричардс. Две Олимписки злата нема ниту еден Бубка. Кога Брез ја премина границата од 6,03, стадионот експлодираше. Бразилците вриштеа во екстаза и такви емоции не предизвика ниту трката на Хусеин Болт. Тиаго е нивен, Бразилец кој тврдоглаво реши да го оствари сонот. До реализацијата од сонот го делеа три неуспешни обиди на ривалот Лавилени.

На трибините фудбалска атмосфера, ривалот се жалеше на глупавата бука од стадионот. Лавилени загуби а 22-годишното момче постави нов олимписки рекорд откако го сруши претходниот на Рено Лавилени. Тиаго стана четврт Бразилец во историјата на оваа земја кој освоил злато во лесна атлетика. Последен таков случај бил во 1984. година кога Жоаким Криз победил на трката на 800 метри во Лос Анџелес.

„Неверојатен успеј. Моите први 6 метри. Не можам да верувам што се случи вечерва. Многу сум благодарен на моето семејство, на дедо ми, на жена ми. Сите заедно моравме да пројдеме низ многу тешки моменти во животот, но се справивме со се. Сега сме среќни. Не знам каде е сега мајка ми, но сигурен сум дека е горда ма мене“, изјави шампионот по доделувањето на медалите.

Малиот Тиаго порасна и научи да лета.