Се огласи и скулпторот на Роналдо

Не можеш да им угодиш и на Тројанците и на Грците

Емануел Сантош, човекот кој ја вајал бронзената биста на Кристијано Роналдо во неговиот роден град вели дека фудбалерот барал неколку корекции на статуата.

Сантош признава дека неговото дело можеби нема да биде по сечиј вкус но инсистира дека напаѓачот на Реал Мадрид дал одобрување и зелено светло таа да се открие официјално.

Емануел Сантош е уметник и вајар од островот Мадиера кој бил избран да ја направи статуата на 4-кратниот најдобар светски фудбалер која што ќе стои пред новоименуваниот аеродром Aeroporto Cristiano Ronaldo во Фуншал.

На Сантош му требале три недели да ја направи бистата пред таа да биде пратена во родниот крај на Роналдо за да ја облеат со бронза. Бистата во средата ја откри португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса и таа ќе стои пред влезот на аеродромскиот терминал.

На социјалните медиуми синоќа се водеше смешна полемика за бистата, а некои тврдеа дека статуата повеќе би му лежела на поранешниот шпиц на Република Ирска, Ниал Квин.

„Невозможно е да ги задоволиш и Грците и Тројанците. Ниту Исус не ги задоволил сите. Се работи за вкус, така што не е едноставно како што изгледа. Секогаш има можност за поинаков изглед, а јас ова го направив за сите. Користев неколку фотографии на Кристијано Роналдо што ги најдов на интернет, ништо посебно. Ги ставив сликите до мене и почнав да работам на бистата“, искрено признава вајарот Емануел Сантош.

Иако Роналдо ги прифатил шегите и смеата на сметка на изгледот на бистата, таа му се допаднала на 32-годишниот европски шампион.

„Кристијано ги виде сликите кои брат му му ги прати. Бев со брат му во музејот на Кристијано во Мадиера и од пораките кои ги прати можам да кажам дека му се допадна. Побара само да додадам неколку црти на лицето кај насмевката. Ми кажа дека му изгледало како да е постар и побара да биде порадосен. На крајот му се допадна како изгледаше“, заклучува Сантош.