Никогаш не е доцна да станете олимпиец. Дури 187 натпреварувачи се постари од 40 години. Најстар е 71-годишниот натпреварувач во коњички спортови, Јапонецот Хироши Хокецу. Во Лондон има и двајца спортисти со 65 години и неколку над 50 години кои најчесто се натпреваруваат во стрелачки и коњички спортови, но и 52-годишна веслачка од Канада.
Дури 33 олимпијци се помлади од 15 години, а најмлада е пливачката од Того, Адзо Кпоси која има само 13 години.
Кинезите ги имаат и највисокиот и највисоката. Највисок спортист е кинескиот кошаркар Жаоџу Жанг со 221 сантиметар, а неговата колешка од женската кошаркарска репрезентација на Кина, Ваи Веи е највисока спортистка со 207 сантиментри.
Најнизок е дигачот на тегови од Тувалу, Лапуа Лапуа со 140 сантиметри, а најниска е спринтерката од Јамајка, Шилони Калверт која доколку трчаше на патеките со пречки, најверојатно ќе може да поминува и под пречките наместо да ги прескокнува затоа што е висока само 135 сантиметри.
Џудистот Рикардо Блас од Гуам е најтежок со 218 килограми, а најтешка е дигачката на тегови од САД, Холи Менголд со 157 килограми. Скокачите во вода од Кина, Јуан Као и Јадан Ху се најлесните спортисти на Олимпијадата. Као има само 42, а неговата колешка има неверојатни 36 килограми.