Најлошиот боксер не се откажува и по 51 пораз во серија

Робин Дикин е толку лош боксер што дури и британската федерација му ја одзеде дозволата за негово добро по толку ќотек, но тој и натаму не се откажува и покрај тоа што има серија од 51 пораз.

Запознајте го Робин Дикин, 27 годишниот боксер од англискиот град Есекс. Тој стана професионалец во 2006-та година и победи во својата прва борба. Од тогаш тој боксуваше уште 51 меч и ги загуби сите, вклучувајќи и 12 порази со нокаут.

Тој е толку лош боксер што британската боксерска федерација во 2012-та година за негово добро му ја одзеде лиценцата затоа што биле загрижени за неговото здравје после толку многу ќотек. Но тој не се откажа. Дикин сега боксува со дозвола од германската боксерска федерација и повторно реди порази.

Последниот, 51-ви пораз во серија, му беше викендов од полскиот боксер Дамиан Лавничак. Но тој и натаму не се откажува.

„Знам дека сум како човечка вреќа за боксување. Но статистиките не се вистинска слика за моите способности. Требаше да победам на неколку борби. Имам талент, ама не можам да излезам од оваа лоша серија", изјави Робин.

Храбриот Робин бил роден со криво стапало и му биле извршени 60 операции како дете. Тој почнал да оди дури на 6-годишна возраст и веднаш почнал да тренира бокс. Му одело добро додека бил аматер и забележал 40 победи на 75 меча, но неговата катастрофа започнала кога станал професионалец.

Робин е најлошиот активен боксер на светот, но има уште многу порази пред него за да го достигне најлошиот на сите времиња. Боксерот Питер Бакли кој се пензионираше во 2008-та година загуби 256 од 300 професионални меча.

4 март 2014 - 08:55