Најинтересните моменти од историскиот триумф на Синер над Ѓоковиќ

По страшната доминација од 6 години и 33 победи, кралот на Австралија опен потклекна против 14 години помладиот Јаник Синер кој се избори за прво Гренд слем финале во кариерата.

Јаник Синер одигра перфектна партија, веројатно најдобра во кариерата и не му даде речиси никакви шанси на Ѓоковиќ.

Клучни се покажаа првите два сета кои ги доби убедливо 6:1 и 6:2 и тоа за помалку од еден час игра.

За неговото издание најдобро говори тоа што Новак Ѓоковиќ немаше ниту една брејк топка. Направи премногу грешки со кои не се добива полуфинале.

Единствената голема битка и неизвесност се водеше во третиот сет кој Србинот го доби 8:6 во тај брејк. Синер при водство од 6:5 пропушти меч топка.

Синер го симна од тронот човекот кој е владетел на Австралија опен со 10 трофеи. Му прекина серија без пораз која му траеше 33 натпревари во период од 6 години.

Српскиот ас имаше 20-0 во полуфиналните и финалните натпревари во Мелбурн што не е видено во историјата на овој турнир. 

Синер е првиот италијански тенисер кој ќе игра финале на Австралија опен и трет Италијанец кој ќе игра финале на Гренд слем турнир.

26 јануари 2024 - 09:00