Металург им одржа лекција по ракомет на Унгарците

Ракометарите на Лино Червар не можеа на подобар начин да ја искористат вајлд картата за квалификациите во најелитното клупско ракометно натпреварување и со фантастични 26:16 го демолираа составот на Пик Сегед на првиот дуел во Скопје.

Новата сезона за минатогодишниот четвртфиналист во ракометната Лига на шампиони со погодок ја отвори највозрасниот ракометар од Автокоманда, Ренато Вугринец. Во шестата минута од мечот се случи и првата еуфорија на мечот кога по два контра напади Металурзите дојдоа до предност од 4:1.

Тоа практично беше најголемата предност од 3 гола разлика која ракометарите на Червар успеаа да ја достигнат во првиот дел. Резултатот беше постојано тесен, а тоа се должеше на слабата одбрана на домаќините како и на одбраните на Дарко СТаниќ кои недостасуваат по првите 18 минути.

За одбележување во воведните половина час од мечот се дебитанските головите на новите засилувања Гоце Ојлевски и Павле Атман кои постигнаа по 2 гола во првиот дел, а најатрактивен момент беше цепелинот на дуото Георгиевски-Вугринец кои во 22 минута ја запалија публиката во „Борис Трајковски" за водство од 9:6.

Екипата на Пик Сегед не се предаваше и со брза транзиција лесно постигнуваше голови. Металург преку Атман и Мојсоски ги промаши единствените два удари од пенал па така на полувреме резултатот изнесуваше 13:11 во корист на нашиот тим.

Во вториот дел приказната беше сосема поинаква. Во стартните 5 минути од вториот дел патот до мрежата го пронајдоа единствено Атман и Мојсоски, а тоа значеше и 4 гола предност за домаќините. Од 10 минута своите моменти на мечот ги имаше Дарко Станиќ кој одбрани неколку клучни удари, а Металурзите тоа го искористија на најдобар можен начин.

На средина на второто полувреме ракометарите на Червар се разиграа во нападот, ги користеја грешките на Унгарците и во 45 минута имаа фантастична предност од 20:12. За 15 минути игра во вториот дел гостинските ракометари имаа постигнато само еден гол.

По препознатливата пеколна атмосфера во салата и големата поддршка од публиката, Лино Червар одлучи да свика тајм аут и да ги смири нашите ракометари, но тие продолжија во ист стил и по советите на хрватскиот стратег постигнаа уште 2 гола за 10 поени предност.

Металург успеа да стигне и до позитива од 11 гола предност и со одлична тактичка и борбена игра го заврши мечот со голема разлика од 26:16 што им обезбедува многу помирен реванш на 1 септември во Унгарија.

28 август 2013 - 20:37