Кон крајот на јули 2015-та му бевме на гости на Ивко Панговски. Куќата му е позади поранешната фабрика Алумина во близина на фудбалското игралиште каде дигнаа зградурина.
Интервјуто му го правевме два дена по ред, по три часа, што е сепак премалку за муабет со човек кој го има во три енциклопедии: стенографската, новинарската и државната.
Во неговата глава имаше епски приказни полни со историја кои не ги знае друг, анегдоти и факти кои не се наоѓаат на интернет.
Внимавајте добро, тој ја има создавано терминологијата за коментирање во 50-те години. Го има вршено првиот пренос по земјотресот во Скопје (Вардар – Динамо Загреб 1:1), како и првиот охридски пливачки маратон 1962-ра.
Половина век има поминато во Радио Скопје коментирајќи сè и сешто, а со микрофонот беше гостин во домовите и гаражите на сите спортски фанатици.
Ако некој човек од спортот најмногу нè импресионирал со знаење, стаж, меморија, анегдоти и хумор, тоа дефинитивно е Ивко Панговски, величина кај која беше привилегија да се оди на гости.
Приказната за неговата средба со легендарниот актер Кирк Даглас, на Зимските Олимписки игри во Сараево 1984 оди вака:
„Секретарката на Ѓуро Пуцар Стари, претседател на владата на народна република Босна и Херцеговина ми вика ќе дојдеш со мене во хотел, ќе правиме интервју со Кирк Даглас, а јас и викам ај немој да ме зезаш.
Се дотерав, отидовме во хотелот, имаше шише виски и се начукавме. Јас го фатив микрофонот, му правев интервју на англиски и му викам: `Јас сум од Скопје, градот на солидарноста, па ве молам една ваша порака до Скопје и гледачите на Радио Скопје`, а овој начукан мортус пијан почна да зборува, се утепа од зборување. Потоа кога сме направиле една емисија од тоа, имавме 4 и пол часа материјал. За сè го прашував, за сите теми и за љубов, за какви жени сака итн.
Се јавувам во Радио Скопје и им викам имам интервју со Кирк Даглас, а од таму викаат ај не се заебавај со нас кај може со Кирк Даглас да направиш интервју, треба да му платиме за да му направиме интервју. Јас им викам, абе не ме зезајте имам интервју каде 50 пати го повторува Скопје, град на солидарноста. Се собрале уредниците и викале овој не зеза ќе го казниме.
Разговорот го монтирав во Радио Сараево и кога го пуштив на радио ми се јавува Благојче Стефановски, уредник на програма: `Панго секоја чест, ова е историско интервју, Кирк Даглас да дојде на програмата на Радио Скопје без пари, па тоа е сензација, имаш две плати награда`.
Тој беше инаку циција, а ние го опијанивме и со виски и со убавината на секретарката. Се сеќавам дека седна во едно кафуле во Сараево, му наплатија поскапо, а тој пријави во полиција и потоа кафулето го затворија“.
Инаку легендарниот Панговски 30 години му бил стенограф на Тито. Стенограф со меѓународно признание и шести по ред со брзина од 360 слога во минута.
Стенографирал на конгреси, затворени седници со генерал Јанковиќ, афери, судења, каде му велеле дека не смее да кажува што и како се случувало на седниците. Во архива има дадено околу 10.000 страници стенографија. Еден примерок бил за УДБА.
„Стенографирав и додека бев на Олимписките игри во Сараево. Таму високите функционери ме викаа на виски, на јагнешки глави. Имаше 20 локални радио станици и јас слушав и стенографирав, имав материјали кој дошол, што дошол. Ноќно време доаѓаа кралеви со приватни авиони, тоа беше сензација за Сараево. Со претседателот на владата на Југославија се знаевме многу добро. Вика Панго ќе стенографираш ли? Нема проблем викам и секое сабајле стенографирав конференции за печат, а новинарите ако сакаат да добијат текст мораа да ми носат по една лента. Па се делевме да ги преведуваме на други јазици, имавме богатство од материјали“.
Инаку легендарниот репортер Ивко Панговски почина во 2019-та на 88 годишна возраст, а следната година и Кирк Даглас на 103 години.