Колку е рекордот на развиена брзина на болид во Формула 1?

Досега сигурно сте слушнале многу комплименти за болидите во Формула 1, дека се многу брзи, технички совршени, компактни и многу други нешта. Но кои се апсолутните бројки во овој спорт?

До ден-денес официјално регистриран рекорд на ФИА во рамките на Гран при е 372,54 км/ч. Го постави Валтери Ботас од Вилијамс на трка на мексиканскиот автодром во 2016-та година. 

Ботас го сруши рекордот на неговиот сонародник Кими Раиконен од Гран прито во Италија 2005-та година кога првпат во историјата официјално Ф1 болид премина 370 километри на час.

МОЖЕ ЛИ ДА РАЗВИЕ УШТЕ ПОГОЛЕМА БРЗИНА?

Тимот на Вилијамс соопшти дека нивниот болид развил брзина од 380 км/ч уште на Гран При-то во Азербејџан 2016 но ФИА не го регистрирала зошто брзината била развиена на тренинг а не на официјална сесија.

Постои уште еден официјално регистриран рекорд поставен од болид за Формула 1 - во 2006-та е развиена страшна брзина од 397 км/час. Но за волја на вистината не на патека туку покрај соленото езеро во Бонвил каде регуларно се мерат сите показатели на претендентите за рекорди на развиена брзина.

За оваа цел е користен специјално доработен болид BAR 007 од 2005-та година.

А на тестовите во пустината Мохава некогашниот болид на Џенсон Батон развил дури 413 км/час но според извештаите не можеле да се потврдат овие показатели.

НО ТОА БИЛО ПРЕД НЕКОЛКУ ГОДИНИ, А СЕГА БОЛИДИТЕ КАКО ДА СЕ ПОБАВНИ

Според официјални податоци, современа машина во Формула 1 практично не може да развие повеќеод 360 км/ч. Овој своевиден лимит е поврзан со правилникот: во последните 5 години болидите станаа потешки за 50 килограми. Пример во 2016-та година масата на болидот тежела 702 кг а денес 749 кг.

Постојат и правила за аеродинамичност и тежина кои се менуваат практично секоја година и не им даваат на инженерите во целост да ги адаптираат болидите за поставување нов рекорд.

Од друга страна, пак, болидите во Формула 1 денес се во просек најбрзи од почетокот на овој спорт - во 2018-та година Кими Раиконен го извозе најбрзиот круг за цели 70 години постоење на Формула 1.

Просечната максимална брзина која што ја развиваат болидите во Ф1 денес изнесува 263,687 км/час.