Колкава закана е вирусот Зика по Олимпијадата во Рио?

Организацискиот комитет на ОИ Рио 2016 отвори борба со проблемите на уште еден фронт, откако Зика вирусот се шири брзо а спортистите треба да допатуваат во Бразил за помалку од 6 месеци.

Инфекцијата била откриена пред скоро 70 години во шумата Зика во Уганда. До средината на '2000-те од овој вирус заболеле 3 до 4 лица во 10 години. Но од 2007-ма година епидемијата коси неверојатно брзо, а во моментов најзагрозен е Бразил кој треба да организира Олимпијада летово од 5. до 31. август. 
 
Бројот на инфицирани лица од Зика вирусот во Бразил достигна до 1 милион, а надвор од Јужна Америка вирусот демнее во околу 23 земји. Светската здравствена организација (СЗО) го опиша вирусот како опасност од големи размери.
 
Според медицинските проценки, во 2016-та година овој вирус би можел да инфицира и до 4 милиони луѓе. Вирусот во Бразил се претпоставува дека стигнал во 2014. година за време на Светското првенство во фудбал.
 
Какви се симптомите?
 
Главоболка, болка во пределот на зглобовите, мачнина, повраќање. Зика вирусот може да предизвика и треска, како и исфрлање по лицето и телото.
 
Како се распространува инфекцијата?
 
Воглавном преку комарците Aedes aegypti (египетски комарец). Тие пренесуваат жолта грозница, а во САД е официјално забележен и случај на инфекција од овој вирус преку сексуален однос. Лекарите тврдат дека преносот може да биде и преку крвта, урината и плунката. Оваа хипотеза сè уште не е потврдена.

Кои се ризични групи?
 
Трудниците. Во земјите од Јужна Америка се повикуваат жените да се воздржат од бременост во следните шест месеци, а во Ел Салвадор препораката била до 2018-та година. Бебето чија мајка е заразена од вирусот Зика би можело да има нарушено здравје, замаглен вид, слух, ментална и физичка неразвиеност. Од октомври досега само во Бразил се забележени 4.000 случаеви на микроцефалија кај бебиња.
 
Каква е заштитата од Зика вирусот?

Посебни лекарства нема, се користат оние против грозница. Се работи на откривање на вакцината против овој вирус во многу земји, а лекарите препорачуваат употреба на обични средства против комарци. На аеродромите во Јужна Америка се спроведува посебен третман, се прска против комарци, а санитарните служби добиле право на пристап на приватни земјишта каде околу 200.000 војници прскаат во подрачјата со комарци.

Може ли спортистите да го откажат учеството во Рио?

Смеат. Меѓународниот Олимписки Комитет во јануари пратил 29 писма по разните комитети. Во САД, Австралија и Нов Зеланд е разговарано на оваа тема со спортистите, но никој не изразил несигурност и страв.