Со резултат од 141 метар, Кобајаши (25) доби и фантастични оценки за стилот. Иако Гајгер, Линдвик, Гранеруд и Јохансон беа подобро пласирани по првата серија во Оберстдорф, не успеаа да ги надминат 302 поени на Јапонецот (128,5 м + 141,0 м).
Второто место во Оберстдорф му припадна на Халвор Егнер Гранеруд (299,2 поени), трето место заврши неговиот сонародник од Норвешка Роберт Јохансон (298,6). Норвешкото трио го комплетираше и четвртопласираниот Мариус Линдвик со 296,3 поени. Карл Гајгер кој важеше за голем фаворит, се задоволи на крајот со 5. место со 295,9 поени. Словенецот Ловро Кос беше шести.
Интересно после првата серија најдобро стоеше Роберт Јохансон кој оствари дури 152 бода и беше прв. Но Кобајаши во втората серија исполни неверојатен скок и за цели шест бода го надмина Норвежанецот.
Во продолжение од турнејата Четири скокалници не очекува голема и неизвесна битка зошто дури петмина ски скокачи конкурираат за триумф во вкупниот поредок на крај.
Трофејот го брани големиот шампион Камил Штох кој пак целосно ги разочара своите навивачи на стартот во Оберстдорф зошто не помина во следна рунда.
На 1 јануари ќе се скока во култниот Гармиш Партенкирхен од 14.00 часот. Потоа турнејата се сели во Австрија, на 4 јануари во Инсбрук и на 6 јануари во Бишосхофен.