Како Мухамед Али му одржа лекција на Доналд Трамп

По неодамнешниот предлог на еден од кандидатите за претседател на САД на сите муслимани да им се забрани влез во САД, поранешниот светски боксерски првак не можеше да премолчи на тоа.

Во својот коментар на англиски јазик од 132 зборови, Али не го именуваше Доналд Трамп, но сосема беше логично дека алудира на него кога го дал неговиот одговор под насловот „Претседателски кандидати предложуваат забрана на вселување за муслиманите во САД“, објави Индепендент.
„Јас сум муслиман и сметам дека нема апсолутно ништо исламско во убивањето недолжни луѓе во Париз, во Сан Бенардин, во Сирија или на било кое друго место во светот. Правите муслимани знаат дека безумното насилство на тн. исламски џихадисти се коси со главните принципи на нашата религија.
 
Ние како муслимани мора да станеме против оние кои го користат Исламот за промоција на своите лични цели. Тие се отуѓиле од учењето за Исламот. Правите муслимани знаат или треба да знаат дека насилното наметнување на Исламот се коси со нашата религија.
 
Верувам дека нашите политички водачи мораат да ја искористат својата положба за да го подобрат разбирањето на Исламот и да им објаснат на овие ослепени убијци што Исламот навистина претставува“, изјавил Али.
 

 

10 декември 2015 - 13:15