Зимските олимписки игри нè потсетија на една незаборавна врвна сторија, која ни ја раскажа Ивко Панговски пред 11 години.
Тоа беше само една од многуте импозантни случки на доајенот на спортското репортерство во Македонија, на кој му правевме интервју два дена по ред, по три часа, што е сепак премалку за муабет со човек кој го има во три енциклопедии: стенографската, новинарската и државната.
Панговски ја има создавано терминологијата за коментирање во 50-те години. Го има вршено првиот пренос по земјотресот во Скопје (Вардар – Динамо Загреб 1:1), како и првиот охридски пливачки маратон 1962-ра.
Приказната за неговата средба со легендарниот актер Кирк Даглас, на Зимските Олимписки игри во Сараево 1984 е нестварна и оди вака:

„Секретарката на Ѓуро Пуцар Стари, претседател на владата на народна република Босна и Херцеговина ми вика ќе дојдеш со мене во хотел, ќе правиме интервју со Кирк Даглас, а јас и викам ај немој да ме зезаш.
Се дотерав, отидовме во хотелот, имаше шише виски и се начукавме. Јас го фатив микрофонот, му правев интервју на англиски и му викам: `Јас сум од Скопје, градот на солидарноста, па ве молам една ваша порака до Скопје и гледачите на Радио Скопје`, а овој начукан мортус пијан почна да зборува, се утепа од зборување. Потоа кога сме направиле една емисија од тоа, имавме 4 и пол часа материјал. За сè го прашував, за сите теми и за љубов, за какви жени сака итн.

Се јавувам во Радио Скопје и им викам имам интервју со Кирк Даглас, а од таму викаат ај не се заебавај со нас кај може со Кирк Даглас да направиш интервју, треба да му платиме за да му направиме интервју. Јас им викам, абе не ме зезајте имам интервју каде 50 пати го повторува Скопје, град на солидарноста. Се собрале уредниците и викале овој не зеза ќе го казниме.
Разговорот го монтирав во Радио Сараево и кога го пуштив на радио ми се јавува Благојче Стефановски, уредник на програма: `Панго секоја чест, ова е историско интервју, Кирк Даглас да дојде на програмата на Радио Скопје без пари, па тоа е сензација, имаш две плати награда`.

Тој беше инаку циција, а ние го опијанивме и со виски и со убавината на секретарката. Се сеќавам дека седна во едно кафуле во Сараево, му наплатија поскапо, а тој пријави во полиција и потоа кафулето го затворија“.
Инаку легендарниот Панговски половина век има поминато во Радио Скопје коментирајќи сè и сешто, а со микрофонот беше гостин во домовите и гаражите на сите спортски фанатиции.

Да е само тоа. 30 години му бил стенограф на Тито. Стенографирал на конгреси, затворени седници со генерал Јанковиќ, афери, судења, каде му велеле дека не смее да кажува што и како се случувало на седниците. Во архива има дадено околу 10.000 страници стенографија. Еден примерок бил за УДБА.
Во неговата глава имаше епски приказни полни со историја кои не ги знае друг, анегдоти и факти кои не се наоѓаат на интернет. Почина во 2019-та на 88 годишна возраст, а следната година и Кирк Даглас на 103 години.