По триумфот над Данска, македонските одбојкари ја победија и Црна Гора во 2. коло од Европското првенство на кое за прв пат сме дел од домаќините.
Овој пат уште подобро и поубедливо со 3:0, со поголема поддршка во салата Борис Трајковски, многу жар, самодоверба, страшен блок и минимален број на грешки.
Македонија делуваше како во грч да го почнува мечот, слично како на првиот меч против Данска и отвори лошо и несигурно со негатива од 1:5.
Јошко Миленковски го осети тоа и свика тајм аут по кој работите на паркетот целосно се променија и тргнаа во полза на нашите одбојкари.
Најсилен адут станаа блоковите, посебно оној на Филип Савоски кој царуваше на мрежа со дури три блокови во низа.
Нашиот национален тим се крена психолошки и заигра квалитетно во сите сегменти од играта. Со блоковите на Савоски најпрвин израмни на 5:5, а првото водство го оствари со резултат 8:7.
Од тој момент, Македонија не го испушти водството и играше се посигурно. Водеше 14:11, потоа и 24:19, за на крај да го добие првиот сет со 25:22.
Тоа беше мотивација плус за нашите одбојкари кои демонстрираа сила и квалитет. Вториот сет го добија со 25:18, а третиот 25:20.
Фантастична партија одигра Филип Савовски со 9 блока и 12 поени, Љафтов имаше 13 поени, а најефикасен беше Никола Ѓорѓиев со 20 поени.
Утре со почеток од 20:00 го играме третиот меч против велесилата Полска.