Исповест на годината – Ленс Амстронг
Го освои седум пати по ред Тур де Франс помеѓу 1999 и 2005, но поради користење на допинг средства доби доживотна забрана за натпреварување и му беа одземени сите титули. Во јануари оваа година призна и отворено зборуваше во шоуто на Опра Винфри.
Најшокантна сторија – Оскар Писториус
Најпознатиот светски спортист со телесен хендикеп кој настапи и на Олимписките игри во Лондон, ја застрела својата девојка на Св.Валентај. Параолимпиецот кој стана прв спортист кој настапил со ампутација на Олимпијада и кој има шест златни медали беше обвинет за убиство, а за делото зборуваше дека било несреќен случај.
Победа на годината – Енди Мареј
Со триумфот над Новак Ѓоковиќ, Британецот Енди Мареј им го исполни сонот на Британците и по 77 години пауза стана првиот тенисер од оваа земја кој го освоил најпрестижниот Грем слем турнир во светот. Последниот првак од Велика Британија на Вимблдон беше Фред Пери во далечната 1936 година.
Збогување на годината – Сер Алекс Фергусон
По 26 година стаж на клупата на Манчестер Јунајтед со кој освои вкупно 38 трофеи, заврши ерата на легендарниот шкотски стратег кој стана најуспешниот Британски тренер во историјата на фудбалот. Од неговиот втор дом „Олд Трафорд" се збогуваше со титула во Премиер лигата.
Тим на годината – Баерн Минхен
Германскиот состав дефинитивно ја одбележа 2013 година како најуспешен тим во Европа кој сруши многу рекорди во Бундес лигата. Предводени од Јуп Хајнкес Баварците стигнаа до тројната круна во домашното првенство, купот и Лигата на шампионите, а на крајот на оваа година доминацијата ја продолжија и со Пеп Гвардиола освојувајќи ја и светската титула.
Доминација на годината – Себастијан Фетел
26 годишниот германски возач стигна до четири титули во низа во Формула 1 шампионатот и со тоа ги стигна Михаел Шумахер, Хуан Мануел Фанџо и Анаил Прост. Тој победи на 13 трки во низа со што го стигна рекордот на Михаел Шумахер од 2004 година.
Вознемирувачка приказна - Захир Белунис
По две години заложништво францускиот фудбалер конечно доби виза за излез од Катар. Тој го тужеше својот поранешен клуб Ел Џаиш затоа што веќе две години не добиваше плата, но не смееше да ја напушти земјата се додека не ја повлече тужбата.
Белунис беше во тешка финансиска состојба, имаше и психички проблеми, а на новинар на Си-Ен-Ен му раскажа дека размислува да се самоубие. За случајот ги извести и побара помош од Претседателот на Франција, како и од Пеп Гвардиола и Зинедин Зидан кои се амбасадори на Светското првенство 2022 во Катар.