Косово во 2013. година стана полноправен член на Меѓународниот Олимписки Комитет (Косовскиот Олимписки Комитет е основан во 1992. година). Олимпијадата во Рио е дебитантска за репрезентацијата на Косово и веднаш стигнаа до историско злато. На Олимписките Игри во Лондон Косоварите настапуваа за репрезентацијата на Албанија.
Косово прогласи независност од Србија во 2008. година, а во Советот за Безбедност при Обединетите нации не го признаваат Русија и Кина. Досега во ОН Косово го признаа 109 од 193 земји членки.
Пред неколку часа, светската шампионка во џудо по потекло од Албанија, која беше знаменосец на селекцијата на церемонијата на отворањето се качи на подиумот. До овој момент тоа беше најемоционален момент на Игрите – потресна од радост, 25-годишната Кељменди го прими признанието од претседателот на МОК, Томас Бах.
„Живеевме во Пеќ (Косово), недалеку од џудо клубот. Со другарите и сестра ми постојано поминувавме од таму и цело време ме викаа да тренирам. Прифатив. 2009 година беше клучен период за мене. По напорни тренинзи го освоив јуниорскиот светски шампионат во џудо и од тогаш овој спорт стана професија на мојот живот“, вели Кељменди.
Само неколку часа претходно, Министерството за спорт на Србија преку министерот Вања Удовичиќ им нареди на своите спортисти да не се качуваат на подиумот во случај таму до нив да се најде спортист од Косово.
„Отсекогаш сонував да ја претставувам мојата земја. Косово е нова земја, а јас сакав да му покажам на светот дека сме спортска нација. Заслужуваме да бидеме рамноправни со спортистите од светот. Сега сите знаат дека Косово е дом на една од најдобрите џудистки на светот. Џудото е повеќе од спорт, со него научив многу повеќе за луѓето отколку преку политиката. Ги нема тие милиони на светот кои можат да го платат чувстото кое го имам денес. Толку долго сонував за ова. Одбив милиони да претставувам други држави, затоа што сакав да учествувам на ОИ под знамето и химната на Косово“, вели Кељменди.
Таа во финалето во категоријата до 52 килограми ја победи Италијанката Одет Џурфрида.
„Да бидам искрена, дојдов по златниот медал, но ова е лудо! Косово првпат учествува на ОИ и мислам дека златото е голем успех“, констатираше Кељменди.