Пред домашната публика, миленикот на Британците Луис Хамилтон ја оствари третата победа по ред а дури 47-ма во кариерата (Шумахер има 91, Алан Прост 51 победа). На подиумот како втор, со 6,9 секунди заостанување зад лидерот, се качи неговиот тимски колега Нико Розберг кој во финишот имаше сериозни проблеми со менувачот и сега е под истрага поради коментарите преку радиото.
Со денешниот триумф на Силверстон, Хамилтон му се приближи на Германецот на само четири поени. Третото место попладнево му припадна на младиот талент Макс Ферстапен кој стигна до својот трет подиум на последните шест трки.
Луис Хамилтон е првиот Британец после Најџел Менсон кому му успеало три пати по ред да победи на Силверстон, но неговиот успех е поголем затоа што Менсон возел во некои други услови и времиња.
„Неописливо сум почестен, затоа што да се биде во рангот на големиот Најџел е нешто неверојатно“, изјави после трката Луис Хамилтон.
На Силверстон се возеше по мошне променливи услови, трката започна со „сејфти кар“ поради силниот дожд кој паѓаше на минути пред почетокот на трката.. Четвртото место му припадна на Даниел Рикардо, а зад него петопласиран е Кими Раиконен кој буквално во текот на целата трка се бореше со Серхио Перес. Меѓу најдобрите 10 се најдоа уште и Ник Хулкенберг, Карл Сајнц, Себастијан Фетел и Данил Квјат.
Во генералниот пласман и натаму води Нико Розберг со 171 поен, четири повеќе од Хамилтон. Трет е Финецот Кими Раикон кој неодамна потпиша нов договор со Ферари, со 106 поени.
Ф1 шампионатот продолжува со трката за Големата Награда на Унгарија - Хунгароринг на 24. јули.