Сопругата на Ѓоковиќ, Јелена во неколку наврати објавуваше видеа на своите профили за емисии кои беа во доменот на теории на заговор, поточно околу поврзаноста на Ковид-19 со 5G технологијата.
Новак во меѓувреме донираше милион евра за српското здравство, за набавка на респиратори и друга медицинска опрема, а подоцна ја помогна и Италија со голема донација за Бергамо.
Пред пар дена првпат зборуваше и на тема вакцинација против Ковид-19 и како дополнително да ја разгори оваа тема која гори по социјалните мрежи.
„Лично не сум за вакцинација и не би сакал некој да ме приморува да добијам вакцина за да можам да патувам. Ако тоа биде правило и закон што ќе биде тогаш? Треба да одлучам дали да се подвргнам на тоа (вакцинирање) или не. Имам свое мислење, а дали ќе ми се смени во некој момент не знам. Хипотетички, за да се продолжи сезоната во јули, август или септември, иако шансите не се големи, колку што разбрав, веднаш по укинувањето на строгиот карантин, ќе постои барање за задолжителна вакцина која уште ја нема“, рекол најдобриот светски тенисер.
Инаку вакцина за патување често се добива против маларија или жолта грозница во некои делови од светот. Вакцина за коронавирус нема, на нејзино откривање уште се работи. Спортистите и општо јавноста воглавно се скептични затоа што не се запознаети со импликациите кои ги предизвикува.
Но има и такви кои се за стриткно вакцинирање.
„Нема вакцина - нема тенис“, напиша некогашната шампионка Амели Морезмо на Твитер пред еден месец.
ОДГОВОР ОД СТРУКАТА ДО НОВАК: „МАЈСТОРЕ, ГЛЕДАЈ СИ РАБОТА И ИЗБЕГНУВАЈ ДА ЗБОРУВАШ ЗА ВАКЦИНАТА“
Членот на стручниот тим и кризниот штаб на Владата на Србија во борбата против коронавирусот, епидемиологот Предраг Кон, отворено и прилично грубо му одговори на Ѓоковиќ.
„Како еден од најверните навивачи на Ѓоковиќ, би сакал да имам прилика да му ја приближам важноста и огромниот придонес на имунизацијата за здравјето на населението. Сега е доцна, тој создаде погрешни уверувања и тука веќе нема помош. Мајсторе, ти посакувам се најдобро. Пробај во иднина да избегнуваш директни одговори на прашања во врска со вакцината зошто имаш огромно влијание“, напишал Кон на својот профил на Фејсбук.
Предраг Кон повеќе децении важи за главен епидемиолог во земјата, член е и на стручниот тим за набавка на вакцини во Србија. Јавноста во Србија е изненадена од одговорот на доктор Предраг Кон затоа што изостана негова реакција кога негов колега при една од првите прес-конференции во Србија, заедно со претседателот Александар Вучиќ зборуваа за „најсмешниот вирус на светот кој постои само на Фејсбук“ и ги повика жените слободно да одат на шопинг во Милано кога во овој град беснееше коронавирусот. Подоцна се извинија на јавноста.
ЃОКОВИЌ ПОВТОРНО СЕ ОГЛАСИ
Српскиот тенисер преку својот тим пратил соопштение до редакцијата на Њујорк Тајмс во врска со неговата изјава за коронавирус.
Requested follow-up from Djokovic on his anti-vaccine comments. He provided NYT a statement through his management. Doesn't clarify if he's against all vaccines but opposed for now to a Covid-19 vaccine being mandatory for travel. Favors natural remedieshttps://t.co/Ng5E71JUIo
— Christopher Clarey (@christophclarey) April 20, 2020
Ѓоковиќ не би сакал некој да го приморува да добие задолжителна вакцина за да може да патува. Овој негов став дополнително ги разгоре страстите на интернет.
За Њујорк Тајмс Ѓоковиќ вели:
„Не сум експерт, но сакам да имам опција да изберам што е најдобро за моето тело. Ќе продолжам да истражувам на оваа тема затоа што е важна и ќе влијае на сите нас.
Да бидам искрен, малку сум збунет, како и остатокот од светот. И покрај тоа што имам пристап до информациите, во недоумица сум што е најдобро да се направи во оваа ситуација.
Љубопитен сум за тоа како да се засили метаболизмот за да бидеме во најдобра физичка подготовеност за да го поразиме Ковид-19“, заклучил Новак во текстот.