Германскиот првак се одмазди во Јане Сандански

По триумфот на тешкиот гостински терен во Манхајм од шест гола разлика, ракометарите на Вардар немаа сили за уште една победа и потклекнаа пред своја публика на реванш дуелот со Рајн Некар.

Македонскиот шампион беше далеку од изданието што го прикажа минатото коло против Рајн Некар кој заслужено ги собра бодовите, први за некоја екипа која гостуваше сезонава во Скопје во Лигата на шампионите.
 
Првите 30 минути од средбата донесоа целосно неизвесен и ефикасен ракомет со вкупно 30 голови, но нерешен резултат 15:15. Се играше постојано гол за гол, а единствените два моменти кога некој имаше +2, тоа беше за Вардар во 23 и 27 минута кога водеше 13:11 и 15:13.
 
Германците притиснаа во вториот дел и делуваа поспремни и поконкретни во играта, а дуелот го добија на тактички план со два пикери на што избраниците на Раул Гонзалес немаа одговор во одбраната.
 
Клучната предност, ракометарите на Рајн Некар ја направија од 44-та до 49-та минута кога врзаа серија од 4:0 и стигнаа до највисоки +6 на средбата. Борозан кој заедно со Канелас беа најпрецизни кај Црвено црнети со по 6 гола, во 58 минута постигна гол за -3.
 
Но тоа се покажа како задоцнета реакција на домаќините кои на крај го загубија мечот со 26:29.
Вардар сега има 6 победи и 2 порази во групата и сè уште е лидер со 2 бода повеќе од Кјелце кој утре го пречекува Загреб.
 
Токму против Бундеслигашот, Вардар на 4 декември гостува и со тоа ги завршува натпреварите во Лига на шампиони за оваа календарска година.
26 ноември 2016 - 19:18