22 медали на Олимписките игри, а 18 од нив златни. Фантастичен крај на олимписката кариера на Мајкл Фелпс. Тој денес заедно со штафетата на САД триумфираше на трката на 4х100 мешано со време 3:29.35 минути. На второто место завршија Јапонците, а трета беше штафетата на Австралија.
Сун Јанг го освои своето трето злато и го собори вториот светски рекорд на овие Олимписки игри. Овој пат тој триумфираше на најдолгата трка во базенот и на 1.500 метри исплива со време 14:31.02 минути.
Светски рекорд срушија и пливачките на САД на штафетата на 4х100 метри мешано. Новото најдобро време на светот сега изнесува 3:52.05 минути. Среброто и припадна на Австралија, а бронзата на Јапонија.
Казахстанецот Илја Илин го сруши светскиот рекорд во дигање тегови подигнувајќи 233 килограми. Нов најдобар резултат на светот постави Италијанката Џесика Роси која погоди 99 од 100 глинени гулаби, како и женскиот велосипедски тим на Велика Британија кои извозија со време 3:14.051 минути.
Медали во пет дисциплини беа доделени и во натпреварите во атлетика, а три злата завршија кај домаќините. Сандра Перковиќ го освои првото злато за Хрватска откако победи во дисциплината фрлање диск, Чен Динг од Кина го освои златото во брзо одење и постави нов олимписки рекорд, Британката Џесика Енис победи во женскиот седмобој, а Грег Рутерфорф во скок во далечина.
Осмиот олимписки ден беше комплетиран со трката на 10.000 метри на која победи Мо Фарах од Британија пред Руп од САД и Бекеле од Етиопија, а на трката на 100 метри во женска конкуренција Фрејзер Прајс го освои златото со време 10.75 секунди пред Џетер од САД и Кембел од Јамајка.