Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов од селото Стојаково се авантуристи во душа кои летово реставрираа Рено 4, старо 40 години за да ја остварат својата нова мисија.
Првата им беше Стојаково – Ница долга околу 4.500 километри, а оваа ќе им биде неспоредлива со првата. Планираат со Реното да цепаат до Мумбаи, Индија, по стапките на Мајка Тереза и Александар Македонски.
Тоа се преку 19.000 километри во два правци, а патешествието ќе им се одвива преку Грција, Турција, Грузија, Азербејџан, Иран, Пакистан и Индија па назад.
Во бројки тоа оди вака: Пат во два правци: 19.000 километри. Време: од 23 март до 1 мај 2019-та. Трошок: 15.000 евра.
Овој јуначки возачки тандем нема да тргне сам на пат, туку ќе ги следи уште едно возило во кое ќе има механичар, камерман, медицинско лице и шофер.
На првото нивно патешествие во Франција, Реното на Џоко и Ѓорги било атракција. Прво имале можност да го покажат на саемот за олдтајмери во Ница, а најјакото е што кога го паркирале пред казино во Монте Карло, обезбедувањето влетало за да ги смести на привилегиран паркинг во друштво на коли како Ролс ројс.
Храбрите момци од Стојаково ја извозија француската машина до Франција, а убедени се дека таа може да издржи и до Индија, километража околу четири пати поголема.
Општина Богданци им додели плакети за успешното претставување на саемот
Фотки од Франција и од патувањето
А вака изгледаше пречекот во Стојаково кога се вратија од Франција.