Во годините на доминација на Федерер, Надал и Ѓоковиќ, се навикнавме дека во финалињата на Гренд Слем турнирите ќе има еден од овие тенисери. Годинава на УС Опен се појави само Новак кој беше суспендиран во 4. коло, па за титулата се бореа клинците од новата генерација.
Во финалето се најдоа најискусниот меѓу новите дечки, 27-годишниот Доминик Тим и првата ѕвезда на младата генерација, Александар Саша Зверев.
Тим губеше со 0:2 во сетови но успеа да направи луд подвиг и да стане првиот играч во историјата кој на УС Опен се вратил после таква негатива и со 3:2 го освои првиот Гренд Слем во кариерата во решавачки тајбрејк:
2:6, 4:6, 6:4, 6:3, 7:6.
Австриецот Доминик Тим во последните две години победи во три големи финалиња на разни турнири, ги совладуваше Ѓоковиќ и Надал, го победи Федерер во финале на Мастерс, победи на 14 од 20 меча против ривали од Топ 10.
Пред големото финале на УС Опен Тим беше фаворит, но Зверев во првите два сета играше неверојатно и заслужено поведе со 2:0. Но набрзо следуваше голем пад на Зверев и тоа го искористи Тим кој во еден момент се пожали и на повреда на раката.
Во спектакуларно продолжение на мечот Тим заигра фантастично и успеа да израмни на 2:2 а потоа и да слави со 7:6 во многу неизвесен тај брејк. После 4 часа и 5 сета, Доминик Тим заслужено стигна до вредниот пехар.
Тим стана и првиот тенисер роден во 1990. година кој станал Гренд Слем шампион. Исто така и прв играч во Опен ерата кој направил пресврт од 0:2 во финале на УС Опен.
Австрискиот тенисер се зацврсти на третото место на АТП ранг листата и им се приближи на Надал и Ѓоковиќ. Зверев од понеделник ќе остане на 7. место.