Рута Меилутите, 15-годишната сензација од Литванија е херој на третиот натпреварувачки ден на Олимписките игри во Лондон. Таа го освои првиот златен медал за својата земја откако исплива 1:05.47 на трката на 100 метри градно. Ребека Сони од САД заостануваше 8 стотинки, а на третата позиција заврши Сатмо Сузуки од Јапонија.
Јаник Ањел, човекот кој вчера и го донесе златото на штафетата на Франција, денес по втор пат го победи Лохте кој заврши дури на четвртата позиција на трката на 200 метри слободно. Ањел исплива со време 1:43.14, а Сун Јанг од Кина и Парк Тае-Хван од Јужна Кореја остварија исто време и го поделија сребрениот медал.
17-годишната Миси Френклин го освои вториот медал, овојпат триумфирајќи на 100 метри грбно, а американската доминација во оваа дисциплина ја потврди Мет Гриверс со златото во машка конкуренција и нов олимписки рекорд.
За разлика од претходните денови кога беа срушени вкупно седум светски рекорди, денес само еден спортист оствари најдобар резултат на сите времиња. Тоа е Кин Ун-Гук од Северна Кореја кој во дисциплината дигање тегови во категорија до 62 килограми подигна вкупно 327 килограми.
Интересно беше и во салата за гимнастика каде доминираа Кинезите, но судиите долго се двоумеа за останатите медали. Најпрво на втората позиција беа Британците, а трети Украинците, но по жалбата на Јапонија, тие го освоија сребрениот медал, бронзата им припадна на домаќините, а Украинците останаа без медал.
На врвот на листата со по 17 освоени медали се Кина (9-5-3) и САД (5-7-5), а зад нив со седум медали (3-1-3) е Франција. На четвртата позиција е Северна Кореја со четири медали (3-0-1), а домаќините се дури на 20-та позиција со само три медали (0-1-2).