Бизарна повреда од мастика за џвакање

Го имаме главниот конкурент за признанието „најбизарна повреда на годината". Бејзбол играчот Мајкл Тејлор си го пресекол малото прсте фрлајќи мастика.

Сигурно се сеќавате на бизарната повреда на Сантјаго Кањизарес. Голманот на шпанската репрезентација го пропушти Светското првенство во 2002-та година откако заработи исекотини на десното стапало врз кое му падна стаклено шише со лосион за по бричење.

Бизарна повреда со не толку трагични последици како пропуштање на Светско првенство, му се случи и на бејзбол играчот Мајкл Тејлор.

Колку и да му е блескава кариерата на членот на Оукленд Атлетикс, тој ќе биде запаметен по повредата која ја заработил додека фрлал мастика за џвакање.

Тејлор е висок 195 сантиметри и сакал да ја фрли мастиката додека излегувал на терен низ нискиот тунел, но со десната рака ја поткачил сијалицата. 27-годишниот безбол играч заработил исекотини на малото прсте и неколку недели ќе биде надвор од терените.

16 март 2013 - 12:55