Олимпискиот комитет на САД му се извини на бразилскиот народ поради срамното однесување на четворицата американски пливачи кои лажеле дека биле жртви на грабеж. Американскиот комитет призна дека еден од пливачите направил вандалски чин во тоалетот на една бензиска пумпа и дека набрзо ја платиле штетата.
„Однесувањето на овие натпреварувачи е неприфатливо и не ги претставува вредностите на американскиот тим“, истакна доцна синоќа Олимпискиот комитет на САД преку соопштение.
Бразилската полиција претходно излезе со соопштение дека американскиот пливач Рајан Лохти ја измислил приказната дека во Рио го ограбиле под закана со оружје. Лохти, заедно со Џек Конгер, Ганар Бенц и Џими Фајген во неделата околу шест наутро застанале на една бензинска во Бара де Тижука, предградие на Рио каде што се одржуваат речиси сите настани на ОИ.
Еден од пливачите се обидел да ја отвори вратата од надворешниот тоалет кој бил заклучен, а набрзо сите четворица насилно ја отвориле и скршиле вратата. Кога се појавил чуварот и ги прашал што се случи, се правеле дека не знаат ништо.
Видео од настанот:
Според бразилската полиција, чуварот имал пиштол околу појасот но не го вадел ниту пак го вперувал кон пливачите. Брзо стигнал и менаџерот на пумпата кој со помош на еден муштерија се разбрал на англиски со пливачите и побарал од нив да ја платат скршената врата. Тие платиле 53 долари и заминале.
Поднесување на лажен полициски извештај е кривично дело во Бразил, поради што судот во таа земја наредил да им се одземат пасошите на сите кои ја потпишале жалбата. Лохти во понеделникот се вратил во САД, но Конгер и Бенц уште не ја напуштиле земјата.