70 специјалци ќе го чуваат олимпискиот факел

Параноичните Британци ќе ангажираат 70 специјалци кои 12 часа на ден ќе трчаат со носачите на олимпискиот факел со цел да спречат можни диверзантски акции.

Британската влада одлучи дека 10.000 обезбедувачи, 12.000 полицајци и 13.500 војници нема да бидат доволни па ангажираше уште 70 посебно обучени специјалци кои ќе се грижат околу обезбедувањето на олимпискиот факел.

Лондонската полициска управа соопшти дека тие не се плашат многу од терористички напади врз носачите на факелот, ниту од насилни протестанти со кои имаа проблем Кинезите на минатите Олимписки игри, туку тие ќе го чуваат факелот од егзибиционисти кои би сакале да привлечат внимание.

Специјалците ќе ги следат носачите на олимпискиот пламен во текот на целата 70-дневна турнеја низ Британија со должина од 12.800 километри.

Олимписките игри во Лондон кои ќе се одржат од 27 јули до 12 август ќе бидат едни од најобезбедуваните ОИ. За безбедноста ќе се грижат 13.500 војници распоредени на копно, бродови и авиони. Покрај војската, ќе бидат ангажирани и 10.000 обезбедувачи како и 12.000 припадници на полицијата.

10 март 2012 - 12:25