МОК тестирале 1.234 примероци од Летните Олимписки игри во Пекинг 2008 и Лондон 2012 и од нив откриле нови 45 случаи на допинг, 30 од Пекинг и 15 од Лондон. Од овие 45 позитивни тестови, 23 се на спортисти кои освоиле медали.
Се работи за спортисти од четири земји во осум различни спортови, но за сега нивните имиња се непознати.
Веста за овој нов скандал со допинг поврзан со претходните две изданија на Олимписките игри, доаѓа само еден ден откако арбитражниот суд во Лозана ја одби жалбата на рускиот олимписки комитет која се однесуваше на суспензијата на 68-те руски атлетичари.
Според претседателот на МОК, Томас Бах, овие анализи ја покажуваат волјата на Олимпискиот Комитет за борба против допингот кој се повеќе е присутен во спортот.
Тестовите се направени со помош на научни методи, како и користење на информации во кои учествуваат Светската анти-допинг агенција и меѓународните федерации.
За Олимписки игри во Рио кои почнуваат на 5 август е најавена трета и четврта серија на допинг анализи.