21 март - денот кога е роден големиот Ајртон Сена

На 21 март 1960-та во бразилски Сао Пауло е роден идниот трикратен шампион во Формула 1 и еден од најдобрите пилоти на сите времиња Ајртон Сена. 

Бразилецот во кариерата оствари 41 победа на Гранд при трките, 65 пати имаше пол позиција, 80 пати се качуваше на подиумот. Сена стекна светска и вечна слава.

На 1 мај 1994 година на трката за Големата награда на Сан Марино во Имола се случи страшна трагедија.

Откако само ден претходно австрискиот возач Роланд Раценбергер (33) во втората квалификациска сесија удира во заштитната ограда со застрашувачка брзина од 314,9 км/час и загинал, Бразилецот Ајртон Сена ѝ се пожалил на својата партнерка Адриана Галистеа дека не сака да вози на утрешната трка зошто патеката се покажала како многу опасна во квалификациите.

Големиот шампион не се повлече и од сам старт на трката водеше на патеката. Шумахер со брз и силен болид од Бенетон не успеваше да му се приближи.

Во седмиот круг, 34-годишниот Сена излета од патеката на незгодната кривина Тамбурело и удри во заштитниот ѕид со брзина поголема од 200км/час. Иако екипите на брза помош брзо реагираа и со хеликоптер го префрлиле на клиника во Болоња, таму му била констатирана смрт.

Причините за смртта се барале во несовршеноста на болидот на Вилијамс таа сезона и грешка на пилотот.

Овој трагичен викенд на Имола на патеката „Енцо и Дино Ферари“ придонесе за огромна трансормација на нивоата на безбедност во Формула 1.

21 март 2022 - 15:14