Иако важеше за фаворит, Шпанија тоа не успеа да го докаже тоа на теренот во ниту еден момент од финалниот меч. Тоа се покажа уште по првите 30 минути, нетипично неефикасни за Шпанците кои постигнаа мизерни 6 гола, а примија 10.
Арпад Штербик во стартните неколку минути од мечот имаше 3 интервенции и беше најзаслужен што Германија водеше само 2:0. Првиот погодок за Црвената фурија падна дури во 9 минута преку Ентрериос, но резултатот на семафорот стоеше 5:1.
Германија играше цврста и гранитна одбрана која беше тешко да се пробие, а највисока предност во првиот дел имаше во 14 минута кога водеше +5. Криза во нападот имаа и Германците кои беа без постигнат гол 9 минути, но тоа не беше пречка да го одржат водството на пауза. Голманите на двете страни бранеа на високо ниво во првото полувреме.
Налетот на избраниците на Сигурдсон продолжи и во вториот дел и веќе во 33 минута имаа 12:6. Шпанците делуваа индиспонирано и немоќно и никако не можеа да фатат ритам. Во 45 минута Германија стигна до највисоки +7 или поточно 16:9, што е реткост да ги гледаме Шпанците со толку мал број на постигнати погодоци.
Времето течеше во корист на селекцијата на Германија која целосно го имаше под контрола целиот меч и ниту еднаш не дозволи неизвесност во финалето од 19-от Еврошампионат. Во 54 минута ја зголеми предноста и на 9 голови разлика и победникот веќе беше јасен. Конечниот резултат беше 24:17.
Најефикасен на мечот беше Хафнер со 7 гола, а во шпанскиот табор Ентрериос реализирапе 5 погодоци. Волф го заврши мечот со 16 одбрани, а Штербик со 14.
Во натпреварот за третото место Хрватска славеше убедливо над Норвешка со 31:24. Покрај бронзата, Хрватите со овој триумф обезбедија и директен пласман на Мундијалот во Франција 2017.