Металурзите отпатуваа во Шпанија со надеж дека можат да направат изненадување на тешкото гостување против Ла Риоха и со триумф да стигнат до посакуваното второ место кое носи во осминафинале.
Но домаќинот не дозволи да влезе во лоша серија откако ги загуби минатите два меча во ЛШ и заслужено го доби мечот кој му ја носи втората позиција во групата за во нокаут фазата.
Првото полувреме донесе неизвесен ракомет на кој често пати се играше гол за гол. Шпанците имаа контрола над резултат и ниту еднаш не беа во негатива, а најголемата предност која ја имаа беше +3.
Резултатот од 16:14 на паузата беше причина за тимот од Автокоманда да не се предаде и да се обиде да направи подвиг, но тактиката на Лино Червар со седуммина ракометари во напад овој пат не функционираше. Домаќините го искористија празниот гол и 3-4 пати погодија од гол на гол.
Клучната разлика за победа ракометарите на Ла Риоха ја направија во периодот од 39-та до 47-та минута кога направија серија од 6:0 за водство од 25:19. Од тој момент Металурзите немаа сили да се вратат резултатски и на крајот го загубија мечот со 31:25.
За Металург најефикасни беа Вања Илиќ со шест и Немања Обрадовиќ со пет гола, додека Филип Талески и Жарко Пешевски постигнаа по три погодока.
На 2 февруари идната година Металурзите го пречекуваат Чеховски Медведи и се простуваат од Лига на шампиони сезонава, која според квалитетот на составот ја одиграа доста солидно.