По вчерашната несреќна елиминација на Вардар, завршија настапите во Лигата на шампионите и за Металург. Двете екипи кои со пласманот помеѓу најдобите 8 европски екипи испишаа нова историја за македонскиот ракомет викендов се простија од најелитното клупско европско натпреварување.
Составот на Лино Червар немаше големи мотиви на реванш средбата против Кил, против кого им требаше вистинско чудо за анулирање на негативата од „Борис Трајковски“. Металург добро го започна мечот и беше рамноправен противник, но само до резултат 5:5.
Германците почнаа да се одлепуваат и во 21 минута имаа предност од +5, која беше демотивирачка за нашите ракометари. До крајот на полувремето Кил само го зголемуваше водството и за 30 минути игра го наполни голот на Станиќ, 19:11.
Единствената светла точка во тимот од Автокоманда беше Ренато Вугринец кој постигна 6 голови во првиот дел. Вториот дел беше ревијален. Кил постојано го држеше високото водство кое во еден момент иснесуваше максимални +11.
За одбележување е деби настапот на младинскиот репрезентативец Филип Талевски на кој Червар му даде шанса во второто полувреме, а тој успеа три пати да ја затресе мрежата на силниот противник.. Металург успеа да намали на -7, а со голот во последните секунди домаќините стигнаа до триумф од 34:26.
Најпрецизен во нашиот табор беше Вугринес со 7 погодоци, а Цундриќ постигна 6.