Анализа за настапите на македонската ракометна репрезентација која ќе заврши под 20-то место на Мундијалот во Египет направи Веселин Вујовиќ за „Балкан Хендбол“.
Славниот Вујо кој одлично го познава нашиот клупски и репрезентативен ракомет ги искритикува очајните настапи на Македонија, како и тоа што до сега не извадивме нови деца. Посочи и какви играчи ни требааt и каде треба да се засилиме.
„Македонија немаше борбеност и цврстина. Говорот на нивното тело беше нешто кое не сум го видел. Никогаш не сум го видел Кире таков потиштен, како да се предаде, а кога Кире и Столе се откажуваат од борбата, тогаш останатите не можат ништо повеќе. Што се случи со нив, не знам, можеби и не очекуваа да одат на СП, па веројатно не беа добро подготвени“.
„Мора да направат подлабока анализа по Мундијалот, но и кога заминаа неподготвени, два меча можеа да ги добијат. Ќе мора да си изградат стратегија во иднина. Евидентно дека наскоро Кире ќе престане да игра со репрезентацијата, но што потоа? Потоп? Не треба така да се однесуваат и размислуваат. Не ја искористија еуфоријата со ракометот во Македонија, со титулите на Вардар во ЛШ. Без оглед што тоа беа странци кои играа за Вардар, но мораа да го искористат тоа. Токму поради тие резултати, тие можеа да имаат нови 300 или 500 деца во ракометот, во спротивно, сето тоа ќе им оди во друг план“.
„Талески целосно се загуби, прави технички грешки, не шутира, се глупира на терен. Отиде во Германија за да напредува, но напротив, назадуваше, се изгуби, па го разбирам тренерот зошто го вади постојано од игра. Во разговорот со Михајлов кога го составуваа тимот на Вардар, му посочив дека би било добро да го вратат Талески, да ги враќаат македонските ракометари дома, за да може подоцна да напредуваат и да се подигнат, но Талески целосно се загуби. За Кузмановски, тој беше некоја светла точка, но имаше многу сивило околу него“.
„Македонија мора да најде играчи од тимот на Велко Марковски и Ацо Јоноски, тие имаа срце како еден автобус, беа вистински бедеми, ја држеа одбраната цврсто. Мора да најдат и пивотмен од два метри кој би играл во два правци, затоа што Пешевски и Столе кои се одлични со габаритот кој го имаат, не можат да се вратат назад во одбрана. Но тоа е прашање за Мукаетов и сите во македонскиот ракомет“.