Македонија и Хрватска со три победи го отворија СП во Катар и теоретски го осигураа осминафиналето. Денес, во дуел од 4. коло во меѓусебен дуел „фалангата“ и „ватрените“ ќе решаваат кој ќе биде прв во групата Б. Капитенот на Хрватска, Игор Вори одиграл многу важни натпревари во кариерата и уверен е дека неговата репрезентација може да победи денес.
„Досега собравме максимален број бодови. Истиот збор, максимално, можам да го искористам и за мотивираноста на целата екипа. Не паметам некогаш да сме биле вака мотивирани“, вели хрватскиот „капетан“.
По триумфот со Иран, Игор Вори изјави дека е разочаран од некои медиумски натписи во хрватските медиуми, затоа што не е точно дека резервите не добиваат доволно минутажа.
„Ми влегоа во око таквите размислувања, затоа што некој неспретно се изрази дека постарите играчи се резерви. Кај нас нема резерви, овде сме 16 репрезентативци кои го носиме хрватскиот дрес и секој играч е подеднакво важен, без оглед на минутажата која што ја добива“.
Како и нивниот селектор Голужа, така и Вори за Македонија зборува само со пофални зборови.
„На последните неколку турнири Македонија игра одличен ракомет. Ни малку не е случајно тоа што се добри и овде во Катар и тоа не ме изненадува. Оној што се изненадува недоволно го познава ракометот. Го имаат Кирил Лазаров којшто е глава на екипата. Но тој сам не би можел ништо ако тие како и ние немаат 16 добри играчи кои долго играат заедно. Искусни се, воиграни а селектор им е Ивица Обрван. Он е одличен тренер и нашиот „скалп“ би му бил еден најголемите подвизи во кариерата. Без оглед што ги респектираме, рецептот за победа е едноставен. Подобри сме и ако играме како знаеме, сигурно ќе победиме“, констатираше Вори.
Иван Чупиќ со 19 голови на досегашните три натпревари е најефикасен ракометар во Хрватска. Домагој Дувњак има 11 погодоци.