Одамна ракометното првенство не било вака интересно. Хегемонијата на Вардар низ годиниве понекогаш се обидуваше да ја урне Металург но безуспешно. Во Суперлигата сезонава конечно имаме најмалку 2 кандидати за највисок пласман.
На табелата на 1 и 2 место израмнети се европретставниците Еурофарм Пелистер и РК Вардар 1961 со по 39 освоени бода (14 одиграни меча, учинок 13-0-1). Битолчани имаат нешто подобра гол разлика па оттаму се први.
Првиот дерби дуел меѓу овие два силни тима го доби актуелниот шампион (29:25) кој во меѓувреме западна во сериозна резултатска криза која донесе промени на клупата. Веселин Вујовиќ веќе не е тренер на тимот кој 7 кола по ред не знае за ништо друго освен за порази во Лига на шампиони.
Пелистерци, пак, играат сјајно во второто по ранг натпреварување, Еврокупот и се сериозно намерачени сезонава да „му го земат скалпот“ на тимот од престолнината. Во таа намера во среда од 18:00 часот во култната сала „Боро Чурлевски“ Пелистер зад себе ќе има најмалку 1.600 бучни навивачи.
Картите за големото дерби во Битола се распродале како алва на неколку продажни места за помалку од еден час. Салата ќе биде полна, тврдат од градот на конзулите.
„Ни се обратија и од РК Вардар со барање за карти за нивните навивачи, на што позитивно одговоривме и ќе одвоиме влезници и за нив. Во постојана комуникација сме и со министерството за внатрешни работи за обезбедување на редот во салата и организација на прием на гостинските навивачи во согласност со протоколите“, ни рекоа од РК Еурофарм Пелистер.
Од клубот соопштија и дека ги повикуваат сите присутни да донесат плишано мече или играчка кои би ги фрлиле на паркет пред мечот а со цел да им се подарат за радост на децата од најранливите социјални категории. Убава акција по примерот на некои клубови од Холандија, Германија и последно Шпанија (Бетис).
За дербито да добие уште поубав шмек е и планираното гостување во Битола на скопски Комити, навивачка група која најави дека ќе го бодри својот клуб на најтешкото гостување сезонава во земјава.
Останува да се види како безбедносните служби и домаќинот на овој меч од висок ризик ќе се справат со овој предизвик.