Регионалното дерби во ЛШ почна со промашувања на двете страни, но гостинките подобро се снајдоа пред околу 4.500 гледачи и со головите на Драгана Цвијиќ и Мајда Мемедовиќ во првите 10 минути стекнаа водство од 2 гола (5-7). Цело прво полувреме Вардарки бркаа два гола негатива, а во нападот уште потешко тргна по повредата на Андреа Лекиќ на истекот од 10' минута.
Грубата игра од Подгорица, Будуќност ја репризираше и во Јане Сандански и во таква ситуација, Вардарки тешко ја пробиваа гостинската одбрана. Благодарение на Илина Суслина која спречи неколку контранапади на Будуќност за повисоко водство, Вардар на полувремето отиде само со 2 гола негатива 9:11.
Сираба Дембеле и Андреа Пенезиќ го режираа пресвртот на стартот од второто полувреме, кога Вардар направи серија од 3:0 и поведе 12:11. Од тој момент се разбуди и домашната публика, која се надвикуваше со гостинските „Варвари“ (околу 130 души дојдоа од Подгорица).
Илина Суслина и вечерва потврди дека сезонава брани во одлична форма. Русинката со неколку асистенции по ред ѝ овозможи на Дембеле да го доведе Вардар до предност од 3 гола (15:12). Кога сите очекуваа тоа да биде клучен момент на мечот, Будуќност покажа зошто е меѓу фаворитите за Ф4 во Лигата на шампионите.
Предводени од Мајда Мемедовиќ која даде 3 гола во последните 5 минути, Црногорките се вратија во игра и на само минута пред крајот семафорот покажуваше 24:24. Вардарки го имаа последниот напад за победа, но машката и груба одбрана (читај Драгана Цвијиќ) на Будуќност ја спречија Андреа Пенезиќ да го одлучи победникот.
Токму Хрватката Андреа Пенезиќ со осум гола беше најефикасна во редовите на македонскиот првак, а одлично ја следеа Ихнева и Дембеле со по пет погодоци. Суслина беше одлична на голот со 15 одбрани, додека најзаслужна за бодот на Будуќност беше Романката Неагу со седум постигнати гола.
На крајот по еден бод за двете екипи, кои обезбедија пласман во следната фаза. Во последното коло од групната рунда, Вардар на 22-ри ноември (сабота) му гостува на Турингер во Германија, а според последните информации, Андреа Лекиќ заработила дисторзија на скочниот зглоб, но повредата не е сериозна како што изгледаше.