Ракометарите на Вардар добро го отворија мечот и одржуваа предност од два гола разлика во првите 15 минути. Следуваа неколку грешки во нападот по кои Белорусите направија серија од 3:0 за прво нивно водство од 5:6.
Вардарци не дозволија одлепување и веднаш влегоа во серија благодарение на одличниот Тимур Дибиров кој со трите негови погодоци и двата на Тоскиќ во низа актуелниот македонски шампион направи водство од 11:7.
По важната серија на Вардарци темпераментниот шпански голман Малумбрес кој имаше 6 одбрани на мечот заработи црвен картон поради наводен прекршок надвор од шеснаесетникот, а истовреме тензично стана и на трибините од каде повторно летна предмет во главата на Дибиров.
Инцидентите помеѓу Комитите и полицијата ескалираа за време на паузата на која „Црвено црните" заминаа со водство од 14:11. Вториот дел Вардар го започна поубедливо и поорганизирано во нападот, а за 9 минути игра направи комотно водство од 20:14.
Потоа во елемент влезе и Игор Караџиќ со два гола во низа по која нашите ракометари во 45 минута за прв пат стигнаа и до +7, предност по која работите течеа полесно за нашиот преставник во Лигата на шампионите.
Вардарци во продолжението играа порелаксирано. Игор Караџиќ продолжи да ја полни мрежата на Динамо, а највисокото водство на Вардар на 7 минути до крајот изнесуваше +8. Гостите веќе беа немоќни затоа што пред себе имаа посилен противник кој на крајот славеше убедливо во Борис Трајковски со 30:22.
Со овој важен триумф Вардар се наоѓа на четвртата позиција со 8 бода, еден помалку од Металург и со два кола до крајот на групната фаза Македонија веќе може да се радува на големиот успех, а тоа се два претставника во осминафиналната фаза од најквалитетното клупско ракометно натпреварување.
Најпрецизни кај Вардар беа Дибиров и Карачиќ со по 8 погодоци, а Малимбрес и Милиќ заедно имаа вкупно 16 одбрани.