Ерата на Сергеј Самсоненко во „црвено црното“ семејство е на повидок уште во првата негова сезона како спонзор, да запонче со историски пласман помеѓу најдобрите 4 екипи во Европа, нешто што не му успеало на ниту една друга во македонскиот машки ракомет.
Ракометарите на Вардар го треснаа од земја бранителот на титулата Хамбург, а овој пат пред себе имаат уште една германска пречка со која добро минаа резултатски на првата средба каде беа поразени со само 22:24.
„Ова е историски меч за нас и за цела Македонија. Одигравме тежок меч во Фленсбург, на кој јунаците со храбра и квалитетна игра не доведоа на прагот на подвиг. Многумина мислат дека лесно ќе минеме понатаму, но ќе биде тешко, Фленсбург е одлична екипа, компактна, со истакнати поединци. Мора да се бориме за секоја топка, затоа што ќе биде важна секоја минута и секоја секунда од мечот. Мора да му посветиме специјално внимание на Моргесен и против него да одиграме добра одбрана. Верувам дека моите ракометари ќе дадат максимум, а реваншот ќе покаже дали тоа ќе биде доволно за успех. Без разлика на исходот им благодарам на играчите за досегашните игри, за трудот и квалитетот што го прикажаа“, рече тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Пофални зборови за работата на шпанскиот стратег упати капитенот на Вардарци кој рече дека за кратко време тој извадил максимум од потенцијалот на сите играчи.
“Ако кажам дека немаме што да загубиме, таа изјава нема да помине во овој случај затоа што бркаме фајналфор. Професорот ќе биде многу строг, а ние треба да сме подготвени за многу точни одговори. Германците се навикнати на брза игра и можат да даваат и по два гола во секунда, а ние со нашата бавна игра која ги нервира тоа не им го дозволивме. Ова е посебен историски меч и најтежок испит досега во кој верувам дека ќе успееме“, изјави Лазаров.
Величествената ракометна атмосфера во салата „Борис Трајковски“ која сезонава стана ракометен храм и домаќин на две македонски екипи во Лигата на шампионите, започнува в сабота со почеток од 17 часот.