Вардар е на добар пат да ја заврши групната фаза на првото место во групата Б. Уште од самиот старт вечерва Вардарци наметнаа свој ритам па после десет минути игра водеа 4:7. „Црвено-црните“ брзо заиграа во одбрана 5-1, го блиндираа својот гол и наскоро на семафорот стоеше 5-9.
Германскиот првак како ретко кога сезонава на домашен терен делуваше немоќен а тоа се должеше на одличната игра на тимот на Раул Гонзалес кој ја одржуваше предноста. Вардар водеше 7:10 а во голема мера водството беше благодарение на Штербик кој одбрани неколку зицери.
Следуваше период кога домаќинот се консолидираше и на пет минути пред крајот на првото полувреме поведоа со 16:15. Македонскиот шампион мудро ги искористи моментите со играч повеќе на теренот и во последните две минути пред паузата повторно го презеде водството и на полувреме замина со +1 (16:17).
Со стартот на второто полувреме, Вардар ја зацврсти одбраната и брзински се одлепи на 17:20, по што домашниот тренер Николај Јакобсен беше принуден да земе тајм-аут. Експлозивноста во нападот на Вардар ги одведе Скопјани на најубедливи 17:22. Одбраната пред голот на Штербик делуваше гранитна а маркирањето на Енди Шмит овозможи Вардар постепено да ја зголемува позитивата и на 12 минути пред крајот водеше со неверојатни девет гола разлика 21:30.
Германците во финишот го искористија падот на концентрацијата и опуштањето на ракометарите во црвено-црните дресови и ја намалија разликата на пристојни 27:33.
Играч на мечот беше Жоан Канелјас којшто го одигра најдобриот меч од кога е во Вардар. Шпанецот постигна десет гола, Циндриќ додаде седум а Македа четири гола. Дибиров и Столе Стоилов го завршија мечот со по три погодоци за нова голема победа на Вардар.
Дејан Манасков не заигра во дресот на Некар Левен во чијшто состав најефикасен беше Сигурдсон со седум гола, Стефансон даде шест а Енди Шмит не даде ниту еден гол иако важи за најдобар ракометар на Германците сезонава.
Во следното коло Вардар го пречекува Некар Левен во Скопје кога ќе може да го потврди првото место во групата и директен пласман во четвртфиналето.