Денешниот дуел беше четврти меѓусебен на овие два тима, а Вардар го задржа подобриот учинок кој сега изнесува 2 победи, 1 пораз и 1 реми.
Во групата А, Вардарци во моментов имаат 11 бода и се третопласирани но колото се уште не е комплетирано.
Вардар, ослабен со неиграњето на Вуко Борозан и Мораеш, во првиот дел постојано беше во гол-два негатива а после првото израмнување 2-2, повторно се врати резултатски дури во 23' минута кога беше 9-9 (едно од вкупно шест израмнувања во првите 30 минути).
27' минути му требаа на македонскиот првак да поведе 11-12 со голот на Иван Чупиќ. Тоа за жал се испостави како единствена предност на Вардар на мечот. До полувремето „црвено-црните“ потклекнаа а Мешков со брза контра поведе 14-13.
Во вториот дел избраниците на Парондо постојано го бркаа плусот на Белорусите, но дополнителен проблем им беше црвениот картон за Глеб Калараш при негатива од дури три гола (23-20).
На 13 минути до крајот Мешков Брест водеше со огромни +6 но македонскиот шампион запна и ја стопи предноста на незгодниот ривал.
Драмата кулминираше на 13 секунди пред крајот кога Кристијан Дисингер израмни и го постави конечниот резултат 31-31.
Најефикасен во црвено-црниот состав беше Даинис Кристопанс со дури осум гола од девет обиди а кај Мешков Дарко Ѓукиќ постигна седум погодоци. Голманот Дејан Милосављев запиша 10 одбрани а вториот чувар на мрежата Калифа Гедбан одбрани шест удари и сите шест во вториот дел.
Следниот меч Вардарци го играа на 1. декември во Скопје против стариот познаник Кјелце.