Црвено-црните славеа со 32-30 (19-13) иако до самиот крај напорно и тешко го бранеа домашниот терен.
Гостите од Хрватска, лишени од каков било резултатски императив по дебаклот кој им го приреди Вардар на првиот меч (27-18), играа слободно и отворено.
Скопјани водеа константно, а во 38' минута имаа највисоки 23-16, но Загрепчани на 6 до крајот нагазија машки и мошне лесно ја стопија позитивата (29-28).
Шпанецот на клупата на Вардар немаше друг избор освен да ги соблече првотимците кои подолго време се одмораа на клупата и да ги врати во игра. До крајот некогашниот европски шампион ја сочува предноста и заслужено победи со 32-30.
Најзаслужни за триумфот и пласманот во следна фаза беа Иван Чупиќ со дури 9 гола (шест од седмерец), Тимур Дибиров даде 4, а Калифа имаше успешна вечер со осум удари.
Кај гостите хрватскиот репрезентативец Златко Хорват постигна 11 гола.
Вечерашниот триумф во Скопје беше вкупно 66. во групна фаза од елитната Лига на шампиони. Вардарци на тој начин станаа најуспешна екипа од земјава во ЛШ.
Вардарци за место на Фајнал Фор во Келн ќе играат против победникот од мечот Пик Сегед - Висла Плоцк. Сегед брани предност од два гола по славјето на гостински терен во Полска.