Ракометна Лига на шампиони:

Вардар им се врати на победите, Колдинг прегазен во Јане

Ракометарите на Вардар на најдобар можен начин ја прекинаа серијата од три порази. Вечерва во Скопје со 34-24 го совладаа данскиот шампион Колдинг и заслужено ќе одат на паузата.

И покрај тоа што недостасуваа неколку првотимци, избраниците на Раул Гонзалес од стартот на мечот покажаа дека сезонава се решени да одат најдалеку во Лигата на шампионите. Данците поведоа 0-1, но тоа им беше се во следните 10 минути кога Арпад Штербик забележа неверојатни шест интервенции. Од друга страна полуконтрите на Вардар беа хируршки прецизни и на семафорот стоеше 5-1.
 
До крајот на првото полувреме Вардар до врв ја наполни мрежата на Данците, а точка на беспрекорната игра стави Тимур Дибиров кој го даде четвртиот гол за неверојатни 18-8 на паузата.
 
Кога почна вториот дел, Штербик продолжи во висок ритам да го брани својот гол, а Дибиров и Алекс Душебаев го зголемија резултатот на 24-12. Тоа беше доволен знак шпанскиот тренер да почне повеќе да ги ротира своите играчи, да им даде простор на оние кои не настапуваа многу на претходните средби во Европа. Милиќ го замени Штербик во втората половина од второто полувреме, а своја минутажа доби и македонската тројка Стоилов-Манасков-Лазаров.
 
Данците сфатија дека поразот е неминовен, а Вардарци преку Циндриќ стигнаа до највисоко водство во 48. минута кога имаа 28-15. По серија атрактивни потези, Хорхе Махеда го заклучи резултатот на конечни 34-34. Најпрецизни со по 4 голови во Вардар беа Алем Тоскиќ, Матјаж Брумен и Лука Циндриќ. Штербик запиша 14 одбрани. Кај Колдинг Спелерберг даде 6 голови.
 
Последното коло фактички значи почеток на паузата во Лигата на шампионите и старт на Европското првенство во Полска кое ќе се игра од 15 до 31 јануари. Вардар своите настапи во ЛШ ќе ги продолжи на 11 февруари следната година со гостувањето против Рајн Некар Левен.
5 декември 2015 - 19:46