Епитетот меч на неделата според ЕХФ, ракометарите на Вардар и Рајн Некар го оправдаа во четвртото коло од ракометната Лига на шампиони бидејќи на паркетот се судрија две израмнети спротиставени сили кои водеа тешка битка и кои се бореа за челната позиција во групата.
Мечот со гол го отворија Вардарци од пенал, а потоа Германците возвратија со два. Карачиќ и Тоскиќ вратија со иста мера, а зицер за 4:2 промаши средниот бек на Вардар. Се играше гол за гол во најголем дел од првиот дел, а во 10 минута Вардар остана без Деревен кој заработи тешка повреда на коленото и мораше да биде изнесен од теренот.
Најголемата серија од 3:0 во првите 30 минути ја направија Вардарци кои со двата гола на Душебаев и погодокот на Тоскиќ профитираа од грешките на противникот и поведоа со 8:5. Тоа траеше кратко, бидејќи одбраната не беше на ниво, а лидерот од Бундеслигата стигна до израмнување.
На крајот од првиот дел резултатот беше израмнет, а во последната минута Горбок со својот прв погодок на мечот погоди за 11:10 на паузата.
Водството на нашиот тим продолжи и во вториот дел, но постојано беше тесно од гол до два разлика. Во 42 минута гостите останаа без Стефан Книр кој доби црвен картон по еден груб прекршок врз Карачиќ.
Гонзалес му даде шанса на голот и на Петар Ангелов кој одлично се разбрани. Во жестоката и неизвесна битка на теренот, Вардарци со помош на дуото Шишкарев и Дибиров успеаа да направат и атрактивен цепелин на кој урлаше публиката во Јане Сандански.
Вардар одржуваше водство од +2 и беше за нијанса подобар, а моментот кога покажа дека повеќе ја посакува победата беше во 55 минута. Во игра влезе Циндриќ кој го постигна првиот гол за +3, Ангелов продолжи во исто темпо и веднаш по неговата одбрана, Дибиров погоди за 4+.
Во Јане Сандаски настана делириум, а гостите во последните минути веќе беа изгубени во пеколната атмосфера. Душебаев и Карачиќ беа немилосрдни за за +6 на една минута до крајот. Конечниот резултат беше 25:19.
Најпрецизен кај Вардарци беше Алекс Душебаев со 7 погодоци, Дибиров постигна 6, а Тоскиќ 4. Ангелов имаше 11 одбрани, сите во вториот дел.
На 18 октомври Вардар му гостува на Колдинг.